Со снимки од јавни настапи на пратеникот Љупчо Димовски, направени во период од 2014 до 2017 година, на кои се гледа како зборува на говорница во Собранието, на телевизиски настапи, неговите адвокати ќе ја докажуваат неговата невиност за насилството што се случи во Собранието на 27 април во 2017 година.
Ваквата идеја адвокатите ја добиле откако обвинителството го обвинува Димовски дека со одредена гестикулација, односно движење на рацете им дал знак на некој од сообвинителите да ги отворат вратите. Тие посочуваат дека ќе докажат дека Димовски, таа гестикулација односно движење на рацете го прави при секој настап.
– За ова не бев свесен се до јавната Седница во Апелција кога забележав дека Димовски има навика така да ги движи рацете. За ова судот ќе се увери од снимките кои ги доставивме, односно дека тоа го прави махинално, и воопшто не е свесен за тоа, истакна адвокатот Еленко Миланов.