„Со Преспанскиот договор инвестиравме во иднината“ смета министерката Петровска

by Fokus

Министерката за одбрана, Славјанка Петровска пред студентите и професорите од Филозофскиот факултет во Скопје образложи зошто членството во НАТО е успешна приказна.

„Како дел од тој голем чадор на безбедност, ние во суштина на граѓаните им даваме друг вид заштита не само од аспект на безбедност туку ние им даваме сигурност низ економската призма. Бројот на компании што Северна Македонија ја гледаат како побезбедна држава, како подобра држава за инвестирање, апсолутно се зголемува откако ние сме земја членка на алијансата. Да не заборавиме. Приклучувањето кон Алијансата не значи и не е само израз на добра волја. Ако ги видите наназад, од осамостојувањето па до пред некоја година кога станавме членка на НАТО, сите говори на сите политички партии, ќе видите дека имаме стратешки две цели – НАТО и ЕУ. Меѓутоа, на крајот во историјата не им се бројат на политичарите колку пати ги споменале во своите говори НАТО и ЕУ, туку се гледа што сме направиле за да станеме НАТО-членка и за да станеме членка на ЕУ. Затоа мислам дека одлуката да се направи сериозниот исчекор во 2018 година, со потпишувањето на Преспанскиот договор, се гледа неговата вредност во инвестирањето во иднината на оваа држава, што всушност покажува дека ние политичарите понекогаш имаме малку потешка задача. По извесно време, се виде дека таа одлука е мошне исправна“ рече Петровска.

За војната во Украина таа порача дека секој еден од нас има основна обврска да биде на страната на меѓународното право, кое вели дека ниедна агресија, особено агресија врз суверена независна држава, не може да биде неказнета.

„Зошто ја донесовме одлуката за донирање воена опрема и помош? Заради тоа што Украина е суверена држава и Украина има право да се одбрани. Да не заборавиме, војната во Украина не почна од Украина, туку почна со неоправдана агресија од страна на Русија. Основна обврска на секој еден од нас е да биде на страната на меѓународното право. Тоа е, всушност, вистинската причина зошто повеќето од земјите во светот, слободно ќе кажам, се одлучивме и се обединиме да ѝ помогнеме на Украина не во војната, туку во одбраната на сопствената територија“, потенцира Петровска.

Поврзани новости