Музичарот и македонски претставник на Евровизија 2020 и 2021 година, Васил Гарванлиев ја сними најновата песна „Ритам“, и го најави новиот ЕП насловен како „Порцелански војник”. Станува збор за песна која е трета од најавениот ЕП на англиски јазик и истата премиерно ќе биде објавена на музичкиот канал Јутјуб во 17 часот денес.
„Фокус“ ја имаше можноста да го слушне новото дело на Гарванлиев предпремиерно, и станува збор за интересна денс нумера, со светски призвук, од која тимот на музичарот има големи очекувања на светската музичка сцена.
-Видеозаписот за песната е снимен во легендарниот Aragon Ballroom во Чикаго, кој е познат по концертите одржани на легендарни А листа на светски ѕвезди. „Ритам“ е upbeat денс песна чија приказна повторно се поврзува со пораката од евровизиската песна “Here I stand”, каде темнината Васил ја претвори во светлина. Автор на песната е самиот Васил со продукција на Кастело, додека видеозаписот е во соработка со познатата CircuitMom Productions, режија на Васил, а кореографија на Isaiah Silva-Chandley. Васил и овој пат е верен на неговиот стил и повторно се појавува со смел стајлинг и кореографија која повикува на инклузивност и различности-велат од тимот на Гарванлиев.
Васил, кој по потекло е од Струмица, веќе една година е преселен во Чикаго каде работи на завршните подготовки за новиот ЕП албум, а воедно и потпишал и ексклузивен договор за соработка со Muze Music преку Believ за дигитална дистрибуција. Околу насловот на најавениот албум, „Порцелански војник“, за „Фокус“ тој открива дека уште од мал се соочувал и се борел со многу работи кои се надвор од негова контрола, но секогаш, и во најтешките моменти не ја тргал насмевката од лицето.
-Таа слика од Јинг и Јанг- темнина и светлина… борбата помеѓу фрагилноста и нежноста на порцелан, споредена со моќта и силата на војник, ми е како главна метафора во животот. (И тоа е перфектна фраза која за мене не опишува како уметници.) Од многу мал се соочувам и борам со многу работи вон моја контрола, секогаш насмеан, искрен, гледајќи ја убавината дури и во најтемните моменти. ЕП „Порцелански војник” е токму тоа. „Ритам” е третата песна од патеката на самопронаоѓање, будење и борба за подобар живот. На „Here I stand“ ја претворив темнината во светлина – овде… ја ширам таа светлина. Војник се спомнува во текстот што Игор Џамбазов го напиша за ,,Мојата Улица”, спот во живо и песна која ја промовирав пред две години. Приказната продолжува- раскажува Васил.
Околу тоа дали има планови за враќање назад во Македонија, посебно сега откако се сврши со својот избраник Џејсон, но и откако максимално е посветен на музичката кариера која ја гради во Америка, вели дека животот секогаш има изненадувања, кои се поразлични од плановите кои ги имаме. Кога пред една година отишол во Чикаго, сакал да го заврши албумот и да се врати назад во Струмица, но кога го запознал Џејсон, започнало ново поглавје во неговиот живот.
-Кога го запознав Џејсон се ми се смени Чикаго за сега е дома. Со душа чекам да го донесам Џејсон следното лето да види и запознае од каде доаѓам. Планот ми беше да го завршам албумот овде и да се вратам назад. Требаше да потпишам договор со Лондон, па ќе го делев времето помеѓу Македонија и Лондон. Ама за сега … Чикаго, ама не ја оставам македонската музика на страна. Имам големи планови после албумот- ни изјави Гарванлиев.
Вики Клинчарова