Со половина милион евра се подобрува туристичката понуда на Маврово

by Fokus

Со половина милион евра, општина Маврово и Ростуше и националниот парк „Маврово“ ќе ги подобруваат туристичката понуда и достапноста на природните убавини во овој крај. До крајот на годината треба да се реализира проект што опфаќа изградба на излетнички точки, набљудувачници, обновување на планинарски патеки, набавка на возила за фото-сафари и други содржини наменети за престој во природа.

Со потпишувањето на договорите помеѓу партнерите во проектот ЈУНП Маврово и општината Маврово и Ростуше деновиве започнаа и активностите за набавки и отпочнување на работите на терен. Планираните инвестиции во инфраструктурата поврзана со туризмот се дел од проект што треба да овозможи развој на туризмот Мавровско и по долината на Радика.

– Општината е носител на овој подгрант и веќе е започната неговата реализација. Преку него ќе се инвестира значителна сума средства наменети за развој на туризмот. Партнерите во проектот ”Развој на туризмот во Мавровската долина” добија подгрант во износ од 32.080.623 денари што го добивме од Светската банка преку Владата на Република Северна Макединија, а проектот се имплементира преку Единицата за спроведување на проектот (ЕСП) „Локална и регионална конкурентност“, изјави за МИА, Медат Куртовски градоначалник на општина Маврово и Ростуше.

Куртовски посочи дека во моментов се врши евалуација на понудите за изработка на дрвени мостови, летниковци, набљудувачници и обележување патеки.

Најголемиот дел од содржините и предвидените зафати се на терторијата со која управува најголемиот национален парк во земјава. Според првиот човек на НП Маврово, по реализацијата на предвидените содржини, посетителите ќе имаат подобрени услови и можности за да уживаат во контактот со природните убавини во паркот.

– Задоволни сме од одобрувањето на овој проект и ќе работиме за негова целосна реализација. Очекуваме да се подобри туристичката понуда на националниот парк и општината и од тоа да има корист целата заедница. По завршувањето на активностите, веруваме дека нашиот регион ќе биде попримамливо место за сите посетители, Самир Ајдини директор на НП Маврово.

Со проектот што е предвидено да заврши до крајот на годината, реканско-мавровскиот крај ќе добие нови и обновени содржини како: три уредени излетнички локации во близина на селата Велебрдо, Присојница и Леуново. Предвидено е уредување на патеката до водопадот Дуф кај Ростуше со проширување на патеката на одредени места, поставување нови мостови и премини, поставување на заштитна ограда.

Како новитет во туристичката понуда на територија на НП Маврово ќе биде поставување на три набљудувачници за следење на животни. Организирањето на туристички прошетки, планинарски тури и тури за набљудување диви животни ќе биде овозможено со набавка на две транспортни возила. Љубителите на планинарењето и возење на планински велоспидизам, ќе добијат уредени нови маркации на 24 планинарски патеки и патеки за планински велосипедизам со нови технолошки решенија (QR кодови).

Информирањето значајно ќе се подобри и со пет инфо киосци на пет најпосетувани туристички локации на територија на паркот и општината. На овие места ќе има интернет и електрична енергија, а секој посетител, преку нив ќе може да ги добие потребните туристички информации за регионот. Од аспект на екологијата, ќе се овозможи користење електрични велоспиди. За оваа цел ќе се набават 10 електрични велосипеди.

На повеќе места ќе бидат поставени нови корпи за отпадоци и клупи и изградба на мини детски парк во близина на инфо центарот наменет за посетителите и локалното население.

Новост ќе биде и три-де мапа (макета) на паркот наменета за интерактивен приказ на територијата, која веќе е нарачана и ќе им користити на посетителите во инфо-центарот. Популаризацијата на паркот и неговите особености ќе прави со видео спотови за промоција на летната и зимската туристичка сезона

Со оваа инвестиција предвидено е да се работи на нова десетгодишна стратегија за туризам, обновување на технички помагала и мебел во Информативниот туристички центар.

За реализацијата на проектот, ЈУНП Маврово и општината Маврово и Ростуше од сопствени извори издвоија средства во износ од десет проценти вредноста на проектот за негово кофинасирање.

Поврзани новости