Два автобуса на туристичката агенција „Нехар турс“ по неколкучасовни натегања на паркингот кај салата „Борис Трајковски“ со патниците кои уплатиле тура, но не сакале да тргнат поради заканата од зараза со корона вирус, со полиција биле вратени од граница, откако сопственикот на агенцијата успеал да убеди дел од патниците да не се откажуваат од патувањето.
„Слободен печат“, најпрвин пренесе за драмата која се случуваше синоќа на паркингот пред спорскиот комплекс „Борис Трајковски“ во Скопје. Патниците кои уплатиле за четиридневна тура насловена како „Јадран Турс“ за Црна Гора, преку туристичката агенција Нехар турс, влегле во жесток дуел со сопственикот на агенцијата и со неговиот син.
И покрај расправиите два автобуса тргнале кон Црна Гора со по 15 патници. Но, по извесно време „Фронтлајн“ пренесе дека автобусите со полициска придружба биле вратени од граничен премин во 3 часот по полноќ. Возачите одбивале да се вратат, но на крајот се согласиле да ги свртат автобусите и да ја следат полициската придружба која постапила соодветно со мерките на Владата за заштита од корона вирусот.
На Фестивалот на мимозите требало да се одржи и концерт на Жељко Јоксимовиќ, но бил одложен. Засега нема информации дали ќе има санкции за туристичката агенција која и покрај препораките на Владата ги убедувала патниците да тргнат и не сакала да им ги врати парите за патувањето.
Фото: Слободен печат