Со откриен задник во Струмица, Карлеуша направи струмичани да заборават на вчерашните 37 нови случаи на вирусот!

by Fokus

Струмичани како да заборавија на 37-те случаи позитивни на корона вирус, кои беа регистрирани вчера во нивниот град, што е највисока бројка по подолг период, па синоќа во огромен број заминаа да се забавуваат во ноќен клуб, на концерт на српската турбо фолк ѕвезда Јелена Карлеуша.

Контроверзната пејачка, во својот препознатлив стил на сцената се појави во панталони кои го откриваа нејзиниот задник, а таквото издание очигледно секогаш поминува кај нејзината публика, која ова лето по втор пат бараше влезница плус, за да ја гледа и слуша. Како потсетување, таа имаше настап и во Охрид на почетокот на минатиот месец, каде дојде со приватен авион. И тогаш Македонците покажаа дека им е една од омилените, па не штедеа за влезниците, кои се нудеа како ВИП пакети со пијалок, по цени од сто евра, па нагоре.

За гостувањето во Струмица, влезниците се продаваа по цена од 350 денари, но и таму се актуелни ВИП пакетите со пијалок, кои станаа доста популарни за време на настапите на регионалните музичари.

На вчерашниот настап, дел од еуфоричната атмосфера можеше да се види на фотографии и видео снимки кои се споделуваа на социјалните мрежи. Со 124 активни случаи на вирусот во Струмица, посетителите на концертот на Карлеуша, оставија впечаток како да живеат во некој друг свет, каде нема пандемија. Збиени еден до друг, со мобилните во раце, без дистанца, се туркаа да дојдат поблизу до бината и да го проследат настапот на својата миленичка.

Во наредните денови во ноќни клубови во Струмица, градот каде бројот на инфицирани со вирусот забрзано оди по угорна линија, најавени се концерти на Драган Којиќ- Кеба, Лозано, Марија Шерифовиќ, Мирза Селимовиќ, Петар Грашо, Исак Сабановиќ и други.

Пред тоа пак, на струмичани им пееа Адил, Дарко Лазиќ, Саша Ковачевиќ, Раста, Амар Гиле, Ацо Пејовиќ, Жељко Самарџиќ, Сека Алексиќ, Александра Пријовиќ и многу други.

Вики Клинчарова

Поврзани новости