Со импровизиран напад на градот, како потсетување на виорните настани од 41-та кога со нападот на тогашниот Участак, сега Меморијален музеј 11 октомври, почна Народното востание, и со богат огномет Прилеп вечерва ги почна чествувањата за 11 Октомври-денот на народното востание. Прославата традиционално, збогатена со програма беше пред меморијалниот музеј „11 Октомври“.
Обрајќајќи им се на прилепчани, на гостите од Куманово со кои ја продолжува заедничката прослава на празникот и на претставниците од дипломатскиот кор, прилепскиот градоначалник Илија Јованоски рече дека во предвечерието на 11 октомври им оддаваме почит на борците, на хероите кои ги положија своите животи на браникот на слободата.
– „11 Октомври“ е симбол на непокорот, пркосот, храброста, гордоста и достоинството, стремежот за слобода не само на прилепчани, туку на сите граѓани на нашата земја. Затоа и денеска се сеќаваме на делото на хероите, им оддаваме почит и се поклонуваме пред нивната жртва. Животите на 15 народни херои и 650 борци од Прилеп, се вградени во денешната слобода, затоа и нашиот град го носи епитетот – градот Херој-Првоборец, рече Јованоски.
Според Јованоски, по речиси осум децении денес го исполнуваме аманетот што ни го оставија нашите херојски предци, градиме општество за сите, се движиме кон евроатланските интеграции.
Наша задача и обврска е да го продолжиме нивното дело, да ја продолжиме современата битка за економски развој, социјална еднаквост, квалитетно образование, за создавање оптимнални услови за развој на секоја сфера во општеството. Ние чекориме и продолжуваме по нивните стапки, го градиме нашиот град, нашата татковина, како безбедна, развиена и просперитетна држава. Сигурно чекориме на патот кон евро-атланските интеграции. Со успешно завршени преговори ја остваруваме стратешката цел – полноправно членство во НАТО Алијансата. Веќе се ставени темелите на безбедна, стабилна и сигурна држава во своите граници. Посветени сме на реформите, за да го резервираме нашето место во семејството на европски развиени и демократски држави, нагласи Јованоски.