Со нови амнестии ќе се празнат затворите?

by fokus

По амнестијата на дел од обвинетите во крвавиот упад во Собранието, која предизвика голем револт во јавноста, власта планира и други амнестии. Според информациите на „Фокус“, едната амнестија е да се растоварат пренатрупаните затвори, а другата да се ослободат од одговорност ковид-прекршителите.  Истовремено се спрема и нов закон, според кој претседателот на државата нема да може да аболира како досега

Пишува: Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ

Лошо менаџирање, недостиг од кадар, лоша здравствена грижа за осудените лица, насилство меѓу осудениците, бедни материјални услови и ендемска корупција, нотира Европската комисија во најновиот извештај за напредокот на земјава за функционирањето на затворскиот систем.

Дополнителна загриженост, која ја нотира ЕК, е пренатрупаноста на затворите. Според податоците од март 2022 година, станува збор за 2.462 осудени и приведени лица.

„Приоритет треба да биде реновирањето на најзапуштената зграда во Идризово, согласно препораките на европскиот Комитет за превенција на тортура, а за професионалноста на менаџирањето на затворите потребно е назначувањето на директорите, вклучувајќи ги оние кои се в.д. да биде исклучиво врз основа на Законот за извршување санкции од 2019 година“, се наведува во европскиот извештај.

Директорот на Управата за извршување на санкции, Марјан Спасовски, во интервју за „Фокус“ се правдаше дека пренатрупаноста во затворот „Идризово“ што ја начекал тимот народниот правобранител се случила токму тогаш кога била посетата, односно баш тогаш имало наплив на затвореници во приемниот дел.

Сепак, тој во интервјуто призна дека затворите се пренатрупани, а тоа, како што објаснуваше, се должело на порастот на криминалот во државата за кој биле процесуирани судски кривични постапки, кои завршиле со правосилна судска пресуда, но и големата ефективност на органите на прогонот, кои ги приведувале и осудените лица што го избегнувале издржување на казната затвор.

Како што е познато, и пред неколку години, причината за донесувањето на последниот Закон за амнестија на осудените лица со правосилна судска пресуда беше пренатрупаноста на затворите, но очигледно оптималната состојба во затворскиот систем е веќе минато и сега се наоѓаме повторно во ситуација да се справуваме со пренатрупаност во сите капацитети со кои располагаме – рече Спасовски.

Но, според информациите на „Фокус“, се подготвува нов закон за амнестија со којшто ќе се изврши линеарно намалување на сите затворски казни за една година, независно за кое кривично дело станува збор.

ЦЕЛИОТ ТЕКСТ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК

 

Поврзани новости