Со модна ревија до прифаќање на различностите во Струмица

by fokus

Здружението за помош и поддршка на лица со Даунов синдром – Вера од Струмица, по трет пат ја организира модната ревија ,,Убави сме, свои сме”. Настанот ќе се одржи во хотел ,,Сириус” во Струмица, на први декември, со почеток од 16 часот.

-Веќе три години по ред во чест на 3-ти декември, Светскиот ден на лицата со попреченост, организираме модна ревија каде нашите мачиња – колачиња се шетаат на импровизираната модна писта со познати ликови од Македонија. Оваа година ќе го повториме истото! Имаме 20 модели, кои ќе бидат придружувани од познати личности, но оваа година на сцената ќе бидат и другарчињата на нашите модели. Ќе ги бодрат, ќе се радуваат со нив и ќе ѕенѕаат на музиката. Ве каниме да дојдете на убавини и чиста љубов – информираат од здружението.

На првата модна ревија со хуманитарен карактер, која се одржа во 2017 година во Струмица, во знак на поддршка на модната писта покрај малите модели зачекори и Зорица Заева, сопругата на премиерот Зоран Заев.

Тогаш таа ни изјави дека од се срце прифатила да се појави на ревијата заедно со децата, со цел да се подигне свеста за лицата со ретки состојби и апелираше за прифаќање на различностите.

Лани пак,на настанот покрај децата се појави Александра, ќерката на премиерот Заев, но и многу јавни личности од областа на културата, естрадата, политиката…

Годинава ревијата повторно има хуманитарен карактер. Нема да се наплаќаат влезници, но ќе бидат поставени кутии за донации.
Вики Клинчарова

Поврзани новости