Со многуте евра не следува и гратис свест

by Fokus

Ниту една држава во светот нема систем што може да го исчисти целиот смет, да ги опомене сите возачи, да им укаже на сите луѓе дека едноставно постојат правила на однесување, што треба да се почитуваат. Дека ако во Швајцарија сите или повеќето решат да фрлат смет надвор од канта, ќе биде еднакво валкано како и тука

Пишува Јован ДЕСПОТОВСКИ

Денот обично го почнувам рано со чај и книга. После малку спорт, па туш и канцеларија. Денес ја заборавив книгата, па бев некако упатен, по линија на помал отпор (читај: мрза) да го отворам мобилниот и да „пролистам“ портали. Ми фати око текст за наше дете, што би било некаде од моја перспектива секое битие до навршени 25 години, што успеало да освои бронзен медал на олимпијада по природни науки.

И тоа, секако, би било супер доколку текстот не продолжува со жалење дека наградениот олимпиец всушност и не ја подигнал заслужената награда, бидејќи во меѓувреме заминува на студии во една западна, и не баш толку далечна, земја. Како за старт на денот, малку „тешка“ тема фатив, ама веднаш мозокот почна да „тркала“ причини зошто и овој млад човек, како и илјадници други решиле и решаваат да заминат надвор.

Вака, на прва, одговорот е веројатно очигледен – подобри услови за студии, веројатно и стипендија, па пристоен студентски дом, па веројатно повеќе од сигурно работно место, можност за напредување без роднини и партиски врски и сл. Хммм… Има многу, вака кога ќе почне човек, на прва, да реди.

ЛИЧЕН КОМУНАЛЕН РАБОТНИК

Некаде во средина на „листање“ на причините за ваква одлука, тргнувам накај кеј да ги одработам задолжителните 5 км трчање. На Водњанска ми влетува возило со намера да го пресече булеварот и да влезе во една од споредните улици. Возачот, очекувано, нервозен уште од рано, потполно убеден дека самиот факт што вози ново и скапо возило му дава предност пред сообраќајните правила.

Уште еден примерок што го потврдува правилото дека со евра (или многу денари) ни следува и гратис свест. А и зошто возачот да учи некои банални сообраќајни правила, кога може да има и полиција на секое ќоше, која треба да го запре, да му укаже, па тој/таа да им смисли причина за брзањето/прекршокот и, ете, така, сѐ фино да се заврши.

Вака, на прва, си викам – еве, веројатно уште една причина зошто луѓето, оние со воспитување и свест, веќе и не така тешко се решаваат да заминат.

На кеј вообичаена слика за рано наутро. Некој залутан пес, по некој пензионер и неколку рекреативци. На патеката, уредена неколку дена претходно, веќе видливи знаци на присуство на човечка (не)цивилизација. Околу корпите за отпадоци, додуша околу оние што уште се во функција, расфрлани отпадоци од претходната вечер. Остатоци од сендвичи, понекоја корка бурек, лименки и јогуртче.

Тие што ги оставиле сметаат дека јавните служби се должни да трчкаат позади нив и да собираат. Дека секој од нас си има личен комунален работник, што е задолжен да трчка по нас, бидејќи нашето време, нели, е скапоцено за да се занимаваме со банални работи, како што е фрлање отпад во канта.

Си велам, онака на прва, можеби и ова е уште една причина зошто луѓето, оние со воспитување и свест, решаваат сепак да заминат.

ЗА СЕКОГО ПО ЕДЕН ЛЕКАР

На враќање застанувам да земам појадок. Во редот неколку луѓе, горе-долу пристојно наместени, согласно здравствени протоколи, нели. По 2-3 минути чекање, зад мене се залепуваат двајца повозрасни граѓани. Од близината мислам дека можев да слушнам што размислува едниот од нив. Се вртам и му велам да се оддалечи неколку чекори, бидејќи, ете, можеби јас сум заразен, па да ги заштитам нив.

Се поместува, со коментар кон вториот дека, ете, имало вакви „паметни што се прават“, па изигруваат лекари на улица. На крајот на денот, си мислам, па зошто тие би се занимавале со вакви тривијални работи како здравствени препораки, кога не се болни, ете. А, ако веќе некој треба да им посочи, тогаш задолжително мора да има бел мантил и диплома, а повеќе поени носи и специјализација. За секој еден човек по еден лекар, по можност инфектолог, што ете ќе го предупредува и советува за секој чекор.

Си велам, можеби и ова е уште една причина зошто луѓето, оние со воспитување и свест, решаваат сепак да заминат.

И… да скратам тука, иако примери има уште многу. Примери на наше однесување, наша култура или „култура“ на живеење во која очекуваме дека ете баш за нас некој е должен да организира посебен протокол, што во секој момент би ни бил на услуга.

Притоа, упорно забораваме дека ниту една држава во светот, ниту на запад, ниту на исток, нема ваков систем што може да го исчисти целиот смет, да ги опомене сите возачи, да им укаже на сите луѓе дека едноставно постојат правила на однесување, што треба да се почитуваат. Дека ако во Швајцарија сите или повеќето решат да фрлат смет надвор од канта ќе биде еднакво валкано како и тука.

„КУЛТУРАТА“ НА ЖИВЕЕЊЕ

Ако едноставно самите не држиме дистанца, не ставиме маска, не измиеме раце дека и здравствен систем како во Германија нема да може да ги прими сите што ќе имаат потреба од здравствена услуга. Дека носење маска спуштена под нос не е нова метода за заштита, туку зголемен ризик и за „носителот“ и за останатите.

Како го завршувам текстот, низ глава ми проаѓа прашањето дали само општеството (читај: луѓето, навиките, културата, свеста) е виновно за заминување на младите. Дали и државата не може реално да понуди решенија. Одговорот е секако дека може и мора. И, тоа го прави, со забелешка дека можеме и повеќе и подобро.

Јасно е дека не секогаш причините за заминување од државата се финансиски, иако без дилема играат огромна улога. Токму културата или „културата“ на живеење со која секојдневно се соочуваме едноставно понекогаш се премногу. И не само за тие што решаваат да заминат, туку и за оние што упорно опстојуваат тука, во својата битка за пристојно и функционално општество.

И едните и другите, секој на свој начин, се најдобрите сојузници на државата во оваа битка. И можам да им ветам дека ќе ја имаат нашата уште поголема поддршка и во иднина. За луѓето, оние со воспитување и свест, да решат сепак да не заминат.

Поврзани новости