Претседателот на Сојузна Република Германија, Франк-Валтер Штајнмаер денес попладне дојде во Кавадарци, а посетата била резултат на германските инвестиции во градот.
Тој пристигна со луксузниот мерцедес од речиси 600.000 евра, а за кој поранешниот премиер Никола Груевски беше осуден на две години затвор, за примање награда и противзаконито влијание за случајот ,,Тенк”, а за истиот случај началникот за јавни набавки Ѓоко Поповски доби 6 години и шест месеци за злоупотреба на службена должност и овластување.
Ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска пак, беше осудена на 6 години затворска казна за злоупотреба на службената положба.
Помеѓу граѓаните кои го забележале доаѓањето на германскиот претседател имаше такви кои веднаш прокоментираа дека станува збор за ,,луксузното возило на Груевски”, а градоначалникот Јанчев за ,,Фокус” потврди дека се работи за истото возило.
За време на посетата во Кавадарци, Јанчев и Штајнмаер разменија подароци, филигран со симболот на вечноста за германскиот претседател и филигран со логото на Синалко за семејната компанија на градоначалникот Кожуфчанка, бидејќи Штајнмаер потекнувал од местото каде се наоѓала фабриката на Синалко во Германија.
Кога е мерцедесот во прашање, уште пред околу пет години поранешниот премиер Зоран Заев јавно изјави дека возилото ќе биде продадено, а со парите ќе се набават амбулантни возила.
Потоа мерцедесот беше конзервиран, бидејќи бил материјален доказ во случајот ,,Тенк”, и продажбата беше одложена.
По пресудата на Апелација, за случајот ,,Тенк” Груевски доби 2 години затворска казна, а Јанкуловска и Поповски по четири години, а мерцедесот и по завршувањето на постапката очигледно останува да се користи за потребите на Владата.
Вики Клинчарова