Чешиново-Облешево со турбо фолк атмосфера ќе си го слави Денот на општината. Градоначалникот Горанчо Крстев веќе ги најави музичките ѕвезди на настанот на социјалните мрежи и ги покани заинтересираните на концертната прослава.
-По повод Мала Богородица – Празник на Општина Чешиново-Облешево, Ве покануваме на концертната прославата која ќе се одржи на ден 20.09.2019 (петок) со почеток од 19:30 часот во Паркот во Облешево, каде оваа година свој настап ќе имаат атрактивната македонска фолк пејачка Даниела Темелковска и бенд, а како ѕвезда на вечерта ќе настапи познатата српска легенда Драган Којиќ-Кеба со својот бенд – наведено е во најавата.
И додека дел од жителите на општината се незадоволни поради музичкиот избор и на страницата на општината коментираат дека празникот треба да се слави со македонски пејачи наместо со Кеба, има и такви го поддржуваат изборот на градоначалникот. -Браво за градоначалникот, со добри пејачи и општината ќе ни стане подобра – се дел од коментарите.
Во изминатите десетина години стана традиција да се одбележуваат општински манифестации со музички ѕвезди од соседството. Аце Коцевски, градоначалникот на Велес, лани изјави дека тој е најверојатно единствениот градоначалник кој решил за време на својот мандат да кани само домашни музички ѕвезди, и порача дека не може во една општина да има распукан асфалт и несредени училишта, а во исто време да се даваат вртоглави хонорари за настапи на турбо фолкерите од регионот.