Наместо роденденски подароци Олга Костовска собираше донации: 600.000 денари за Музеј на современа уметност Скопје!

by fokus

Првата жена на ,,Еуролинк осигурување”, Олга Костовска уште еднаш ја покажа својата големина, кога на својот 45-ти роденден, наместо традиционални подароци од гостите, иницирала прославата да добие хуманитарна димензија. Нејзините пријатели донирале средства за реконструкција на скалите и платото на Музеј на современа уметност Скопје, и се собрала сумата од околу 600.000 денари. Од музејот јавно и се заблагодарија, порачувајќи дека таа продолжува да докажува како на градот конкретно може да му се помогне да си ја врати самодовербата.

-Големо благодарам Олга Костовска од Музејот на современата уметност – Скопје! Олга Костовска продолжува да докажува дека на Градот може конкретно да му се помогне, да си ја поврати самодовербата. Ние сме среќни што г-ѓа Костовска во Музејот и неговиот тим препозна можност да се обноват нашите места на собирање. МСУ Скопје е објект со квалитети поради кои заслужува да биде негуван како културно наследство, светско културно наследство. Средствата на Олга Костовска и пријателите ќе ни овозможат да ја започнеме неопходната консолидација на ова, од многумина прогласено, ремек дело на доцната модерна архитектура.

Големо Благодарам Олга, од Музејот и од секој од нас поединечно! Големо благодарам и за пријателите! Нашето партнерство (и пријателство) дава (и ќе дава и во иднина) конкретни резултати, порачаа од Музеј на современа уметност Скопје.

Ова не е прв пат Костовска да ја покаже својата хуманост. И лани на нејзиниот роденден наместо подароци, нејзините пријатели донираа средства за Детската болница за белодробни заболувања во Козле. Компанијата ,,Еуролинк осигурување” и во минатото излегла во пресрет на музејот со свои донации, а е позната и како компанија која вложува во здравството, образованието и други општествени сфери.

Вики Клинчарова

Поврзани новости