Со измените на Законот за Царинска управа ќе се намалуваат казните во царината

by fokus

Со измените на Законот за царинска управа се создава можност за олабавување на казнената политика во делот на царините, истакна денеска заменик министерката за финансии Ширет Елези образложувајќи ги предложените законски измени на собраниската Комисија за финансирање и буџет во Собрание.

Со измената на овој закон се пропишува надлежност на Царинската управа да може да изрекува значително пониски глоби за сторени царински прекршоци утврдени со посебните царински прописи.

– Ова е во насока на заложбите на Владата казнената политика да биде превенција на прекршоците, а не репресија врз стопанствениците,- истакна Елези.

Со измените во законот се прави и усогласување со Законот за административни службеници во делот именување и разрешување на директорот и заменик директорот. Согласно Законот за административни службеници се додава поседување на АПТИС како меѓународно признат сертификат кој е најевтин и најдостапен сертификат за познавање англиски јазик во Република Македонија.

Законот за Царинска управа се усогласува и со Законот за управување со конфискуван имот, Законот за прекршоци, Законот за акцизи, Законот за спречување перење пари и финансирање тероризам, како и доуредување на основната надлежност на Царинската управа.

Законот за царинска управа е ставен како точка на Пленарна седница во понеделник.

Поврзани новости