Новинарите бараат стечај, ТВ Нова со 20.000 денари плата ќе вработува нови новинари

by fokus

Над 40 новинари минатата недела побараа стечај за Телевизија Нова на бизнисменот Сеад Кочан кој е обвинет во случајот „Труст“ на Специјалното јавно обвинителство. Новинарите немаат земено плата од септември минатата година, а дел од нив веќе се вработија во други медиуми.

Телевизијата веќе со месеци во етер пушта стари емисии и не продуцира нова програма, а Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиуми веќе ги опомена дека не ја почитуваат програмската шема.

Агенцијата по службена должност извршила вонреден програмски надзор врз Телевизија Нова, да провери дали во текот на една недела се исполнува 80% од програмскиот концепт за кој е доделена дозволата за телевизиско емитување.

Според извештајот, се утврдило дека на програмата на ТВ Нова, во период од 19 до 25 март 2018 година, воопшто не е спроведуван програмскиот концепт за кој и е издадена дозволата за телевизиско емитување.

Сепак, Телевизијата наместо да ги реши овие проблеми, ниту исплаќа плати на вработените на кои им должи, раководството одлучило да објави оглас преку кој вработуваат новинари, со почетна плата од 20.000 денари.

Додека ТВ Нова бара нови вработени, им виси концесијата, бидејќи следува нов вонреден надзор од ААВМУ, како и постапката по барање од новинарите чии плати до денеска не се исплатени.

Поврзани новости