Членовите на собраниската Комисија за европски прашања дадоа поддршка за Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за експропријација, по скратена постапка, кој е дел од пакетот закони за изградбата на коридорите 8 и 10д.
„Како и под кои услови земјата ќе ги започне преговорите со Европска унија, доколку ги крши процедурите на ЕУ со злоупотребата на европското знаменце“, прашаа претениците од ВМРО-ДПМНЕ на денешната расправа во собраниската комисија .
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, рече дека со Предлог-законот за експропријација „ќе се експроприра приватна сопственост, меѓутоа ќе се експроприраат и градби кои што немаат целосна документација, односно се бесправно изградени објекти“.
„Со експропријацијата престанува правото на сопственост на физички и правни лица , односно престанува приватната сопственост и престанува на правото на сопственост на единиците на локална самоуправа и Градот Скопје. Со законите за урбанистичко планирање и за градење видовме дека како проекти од стратешки интерес беа утврдени само оние за изградба на државни патишта и гасоводи, меѓутоа со промените на Законот за урбанистичко планирање и Законот за градење видовме дека објекти од стратешки интерес можат да бидат и кој било проекти за кои што Владата ќе донесе одлука дека се од стратешки интерес. Се прекршуваат уставните начела за заштита на правото на сопственост, рече Лефков.
Пратеничката на СДСМ, Лолита Ристова обраќајќи им се на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ рече дека процесот кон европскиот пат е почнат и кај вас е клучот за да продолжи овој процес.
„За глас за Европа, потребен е глас во Собранието. Потребни сте и вие како опозиција да кажете „да“ за Европа., затоа што Европа е таа која што ги нуди најголем дел од европските средства за подобрување на локалната инфраструктура. Тоа треба да го знаете и кон тоа треба да бидете заинтересирани во следниот период. Малку да ги разбудите градоначалниците, да се разбудат од зимскиот сон, пролет е, и веќе лето дојде“, рече Ристова.
Министерот за финансии Фатмир Бесими рече дека кога се работи за објекти, кои согласно Уставот спаѓаат во јавен интерес, се овозможува и допрецизирање на правото на граѓаните кое постои во законот.
„Значи се работи само за надоместок кога треба да ги ослободат нивните објекти, додека најдат свои објекти во меѓувреме. Само тоа. Не станува збор за експропријација во овие измени, затоа што тие работи се дефинирани во законот. Значи само допрецизирање со цел да се забрза постапката на терен, а ништо надвор од досегашните законски прописи и всушност се работи само за прецизирање на правата на граѓаните и ќе важат за сите инфраструктурни проекти, а не е исклучиво само поврзано со проектот за коридорите 8 и 10д“, рече министерот за финансии Фатмир Бесими.
Во рамки на комисиската седница беа одбиени трите амандмани поднесени од опозициската ВМРО-ДПМНЕ на овој Предлог-закон.
На седницата што ќе се одржи утре Комисијата ќе расправа за петтиот и последен законски предлог од пакетот закони за изградбата на коридорите 8 и 10д – Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10д (делница на автопатот Прилеп – Битола) во Република Северна Македонија, по скратена постапка.