Со чекан ја удирала додека спие – ќерка се обидела да ја убие мајка си

by Fokus

Основното јавно обвинителство во Кавадарци поднесе обвинение против жена која се обидела да ја лиши од живот својата мајка, со која живеела во заеднички дом.

Според обвинителниот акт, инцидентот се случил на 10 септември годинава, во семејната куќа во Кавадарци.

“Додека жртвата спиела, обвинетата со чекан ја удирала повеќе пати во главата, со што ѝ нанела тешки телесни повреди. Потоа, чеканот го фрлила во дворот на куќата и не го довршила делото”, се вели во соопштението од ОЈО Кавадарци.

Оттаму информираат дека вештачењата утврдиле оти обидот за убиство го сторила во услови на битно намалена пресметливост предизвикана од психички растројства, како и комбинирана употреба на лекови и психоактивни супстанци.

Јавниот обвинител од Судот во Кавадарци достави предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетата.

Поврзани новости