Шарената револуција вечерашниот протест го заврши пред Собранието, каде граѓаните порачаа дека нема да прифатат селективна правда.
По вчерашната одлука за селективна аболиција, денешниот протест се одвиваше под мотото “За конечно повлекување на Иванов”.
Демонстрантите марширајќи кон Собрание, претходно со балони со боја ја офарбаа зградата на Министерството за правда, скандирајќи „Робија за мафија!”
Потоа, ги симнаа белите заштитни платна, кои градските власти вчера ги поставија над Триумфалната капија, па однова ја офабраа.
„Ова ЌЕ биде Триумфална порта” испишаа граѓаните на објектот, па се упатија накај Собранието.
Тука се пуштаа опозициските снимки од бомбите, во кои се слуша како Ромите биле поткупувани со брашно, за да гласаат на избори.
Демонстрантите носеа и кукли на кои беа залепени ликовите на екс премиерот Никола Груевски, екс министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, екс шефот на УБК Сашо Мијалков и Мартин Протогер. Куклите беа облечени во затворски алишта, портокалови или на пруги, а носат и лисици на рацете.
Поради силниот дожд во Скопје демонстрациите вечерва завршија порано од вообичаеното. Протестите ќе продолжат и утре во 18 часот од пред канцелариите на Специјалното јавно обвинителство.