Граѓани од повеќе градови ширум Македонија тргнаа на протестот пред влада организиран од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
На социјалната мрежа Фејсбук се појавија фотографии од граѓани од Струга, Охрид, Ресен, Вевчани, Тетово, Делчево, Неготино, како и од неколку села.
Партискиот лидер, Христијан Мицкоски во најавата на протестот рече дека ги повикува сите граѓани кои се разочарани од владеењето на премиерот Зоран Заев, а не се челнови на ВМРО-ДПМНЕ, да се приклучат на протестот.
Потпретседателот на партијата пак Владо Мисајловски во изјава за телевизија Телма вели дека опозицијата мора да излезе на улица.
-Ние со задоволство би организирале хепенинг ако има убави работи во Република Македонија, но за жал не е така. Ние мора да кажеме не на погубните политики. Не чека едно работно лето, рече тој.
На социјалните мрежи се појавија и фотографии од иселеници во Париз, кои дадоа поддршка на протестот на ВМРО-ДПМНЕ.
Поддршка за протестот на својот Фејсбук профил даде и претходникот на Мицкоски, Никола Груевски.
Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека со внимание ќе ги слушне пораките од протестот и истакна дека право на опозицијата е да протестира.