Со Ана по 18 години станавме комплетни, бисерите ќе ги чувам за неа – Кате и Соната двојни победници на ,,Охридски трубадури”!

by Fokus

Катерина Брезева и групата Соната синоќа доминираа на сцената на фолк вечерта на фестивалот ,,Охридски трубадури 2019”, кој се одржа покрај езерскиот брег, во центарот на Охрид. Тие го освоија првото место од публика и од стручната жири комисија со песната ,,Бовчалак”. Музиката и аранжманот за истата се на Цане Петров, додека текстот е на Огнен Неделковски.

За ,,Фокус” Кате вели дека наградите и се посебно драги бидејќи баладата ја отпеала со посебна емоција. Пред само два месеци таа и нејзиниот сопруг, музичарот Трајче го добија своето прво дете, ќеркичката Ана, по осумнаесет години поминати заедно.

Се уште сме под силни впечатоци од настанот. Ова беше наш прв фестивалски настап по раѓањето на ќеркичката Ана, преубавата балада ја пеев со силни емоции, поради се што ни донесе животот. По осумнаесет години заеднички живот ние се остваривме како родители, сега кога ја имаме Ана, можам да кажам дека сме комплетни. Добив на подарок охридски бисери од организацијата на фестивалот, ќе ги чувам за нашата ќерка, се надевам дека еден ден со гордост ќе ги носи. Победата и ја посветуваме нејзе, таа е нашиот бисер – ни изјави Кате.

Таа заедно со сопругот Трајче повеќе од две децении настапува речиси секоја вечер во разни локали низ земјава, а зад себе имаат голем број на песни и видео записи. Важат за доста скромен музички пар, посветен на професијата и функционираат беспрекорно, без сензации опстојуваат на естрадата. Раскажува дека буквално, само неколку дена по раѓањето на Ана продолжиле со настапите.

Мама пее, тато свири, за време на настапите бабите притрчуваат на помош и ја чуваат Ана. Сите и се радуваме, мирно бебе е, се прилагоди на нашето темпо на живот. Благодарни сме за оваа неизмерна среќа, додека настапував публиката можеше да ја почувствува емоцијата која ме обзеде, од се срце пеев за нашата Ана, за сите родители и долго посакувани дечиња кои им донеле среќа и мир во душата. Во рефренот на нумерата пеам како песните се мојот бовчалак кој ќе го оставам во наследство, како најголемо богатство. И навистина, песните се нашиот дар кој ќе остане за Ана – раскажа Кате.

Поврзани новости