Собранието денеска со 71 гласа „за“ и без ниту еден „против“ и „воздржан“ ја прифати интерпелацијата за работата на Републичкиот Јавен обвинител Љупчо Коцевски, поднесена од Левица.
Собранието изгласа и заклучок, констатира дека наводите во интерпелацијата за работата на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски се основани.
Во интерпелацијата на Левица доставена до претседателот на Собранието Гаши, е наведено дека ја поднесуваат поради непочитување на уставните и законските обврски.
-Интерпелацијата ја засноваме на следниве индиции, факти и правно-релативни наводи: селективни кривични истраги за трагедијата во Кочани, логистички влијанија врз работата на Јавното обвинителство, функционален хаос во Вишото јавно обвинителство-Скопје, непостапување по службена должност за дивоградбите на урбаната мафија во Скопје, се вели во интерпелацијата објавена на веб-страницата на Собранието.
Додаваат дека од почетокот на мандатот на јавниот обвинител Коцевски „во Јавното обвинителство владеела нефункционална и токсична атмосфера, неажурност во постапките, а забележани биле и надворешни политички влијанија врз неговата работа“, за што сметаат дека е одговорен Коцевски.