Министерството за култура ги објави резултатите за финансирање од прифатените проекти од национален интерес во културата за 2023 година, а помеѓу проектите во областа на музиката и музичко-сценската дејност одобрен е и концерт на фолк пејачката Цветанка Ласкова.
Станува збор за сума од 300.000 денари, односно околу пет илјади евра, за ,,50 години јубилеј- Цветанка Ласкова”, за тонско студио Сити Саунд ДООЕЛ Скопје. Иако со години не е присутна на естрадата, таа во минатото беше доста актуелна на фолк сцената, а потоа влезе во политиката.
Беше на чело на Форумот на жени на СДСМ, како и советничка за култура на поранешниот премиер Зоран Заев. Во 2018 година се најде во центарот на вниманието на јавноста, откако се објави веста дека нејзината снаа од син за проектот „Декодирај ме“ добила грант од 330.000 евра за фирма формирана пред само еден месец. Стануваше збор за грантови од Фондот за иновации и технолошки развој, а во тој период Ласкова беше советничка на Заев.
Тогаш Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција по допрен глас оформи предмет за евентуалните злоупотреби при доделувањето грантови од страна на Фондот за иновации и технолошки развој. Лакова беше разрешена од функцијата во Форумот на жени во 2019 година. Наредната година во интервју за Женски магазин таа изјави дека нејзината снаа не ги добила 330 илјадите евра, а лично таа, немала допирна точка со проектот.
-Позадината е сосема поинаква – одреден круг на лоши луѓе, поведени од лукративни и криминални интереси, се обидоа да ме дискредитираат и да атакуваат на мојата личност, да го згазат моето достоинство, но најлошото од сѐ е што посегнаа по моето семејство. Преживувам благодарение на мојот силен дух, животно искуство и концентрирајќи се на работите кои се најважни во животот, притоа не дозволувајќи им на злонамерните луѓе да влијаат на мојата свест и моето расположение-изјави таа во 2020 година.
Вики Клинчарова