Снопче: Кадрите што ги предложивме како министри се исклучително професионални

by Fokus

 Пратеникот и координатор на пратеничката група на Алијансата за Албанците, Халил Снопче на денешната прес-конференција истакна дека е убеден дека се обезбедени потребните гласови за реконструкција на Владата.

– Ние имаме договор меѓу новите партнери на коалицијата. Ние сме убедени дека тие бројки се обезбедени. Не верувам дека некој би влегол во такви авантури без да се обезбедат тие бројки. Меѓутоа, тоа што ние како Алијанса за Албанците можеме да гарантираме е дека нашите осум гласа ќе бидат „за“. За тоа можеме со гаранција да тврдиме. Меѓутоа, немам сомнеж дека бројките се осигурани. Тука нема сомнеж, рече Снопче.

Одговарајќи на новинарско прашање околу вредностите кои ги нуди Алијансата за Албанците како нов владин партнер, Снопче рече дека една вредност е да дадат поддршка со цел Владата да функционира и со капацитети што ги имаат да се обидат да се инсталираат „прави и вистински вредности“.

– И кадрите што ги предложивме како министри се исклучително професионални, кои што се докажани во нивните професии. Во сферите што тие ќе ги раководат ќе имаме прилика да ги видиме квалитетно министерување, квалитетни одлуки и квалитетни закони. Во тоа сум убеден, познавајќи ги кадрите што ги предложивме. Ќе продолжиме да бидеме критичари во тие ресори, во тие делови кои што ќе продолжат да бидат нефункционални. Ќе бидеме критичари дури и кон нашите министри, ако не испорачаат тоа што ветуваат, потенцира тој.

Поврзани новости