Неколку снимки од мобилен телефон, кој ги снимил еден од обвинетите за обидот за убиството на Села, во моментот се прикажуваат во судница. На снимките кои ги снимил обвинетиот Оливер Осавковски се гледа дел од нападот врз пратениците, а Осавковски го регистрирал и изнесувањето на повредениот Зијадин Села од прес салата, односно се гледа како неколкумина го фатиле за раце и нозе и така раскрвавен го носат низ собраниските ходници.
Во овој дел од снимката се слушаат извици: „Вади го надвор маме му ебам, вади го кучето надвор.“ Во еден момент оние што го носат Села го спуштаат на подот, а тој не дава знаци на живот.
Потоа камерата од агол го губи Села, но се слушаат извици: „Не го удирај веќе, прекини!“ Одекнуваат звуци од удирањето. Покрај извиците да запре тепањето на Села, се слуша уште еден глас кој извикува: „Ајде нека го убијат!“
Снимката завршува како Села, целиот раскрварен, го спуштаат покрај лифт.
Обвинителот појасни дека овој момент е документиран со уште една снимка која допрва ќе биде пуштена.
На денешото судско рочиште беа презентирани уште неколку снимки, на кои се забележува како пратеникот Села го добива ударот во глава, односно кон него непознато лице, на кое му се гледаат само рацете, фрла со дрвен стап кон Села.
Обвинетиот Александар Јаневски Тоста, пак, на овие снимки е во одбрана на пратениците, односно заедно со пратеникот Влатко Ѓорчев се обидува да ги одбрани и е застанат со грб кон нив. Според една од снимките, Тоста може да се забележи како се обидува да го заштити Села, а на останатите покрај него им покажува со рака да не му се доближуваат.
Сепак во еден момент кога Села паѓа, зашеметен од ударот од стап, Јаневски го поткрева со раката. Не е јасно дали го извлекува од пратениците или се обидува да му помогне, зашто тука снимката завршува.
Во тој момент покрај Села се уште неколку од обвинетите. Обвинетиот Никола Воиновски, во еден момент се гледа како прави движења со нога, како да удира некој, но не се забележува дали удира по Села.
Валентина Вурмо