Снежни пејсажи во Куратица

by fokus

Врнежите од снег во Куратица, на 20 километри од Охрид, направија вистински снежни пејсажи, а населението на Месната Заедница се подготвува за традиционалните зимски авантури – ноќно или дневно скијање и санкање на хоби патеката на влезот во селото.

Снежната покривка изнесувала околу 15 сантиметри, а претседателот на Месната Заедница, Горан Ангелоски, за ,,Фокус” вели дека моментално се расчистува патот, и ноќното санкање зависи од тоа колку ќе се задржи снегот.

-Се подготвуваме за зима исполнета со многу авантури. Покрај нашите жители, редовно ни доаѓаат љубители на снегот и на зимските активности од Охрид, Ресен и околни места. Во моментот немаме електрична енергија бидејќи поради врнежите од снег паднаа дрва и бандери, инаку сите заинтересирани можат да ја следат состојбата во Куратица на камерите во живо, 24 часа на ден, на официјалната страница на Месната Заедница-појаснува Ангелоски.

Куратица се наоѓа на надморска височина од 1.080 метри. Во изминатите години летниот, но и зимскиот туризам се повеќе се развиваат. Се организираат тури со џипови до Плакенска планина и Мазатар, пешачење, планинарење, тури со магариња и зимски рекреативни активности.

Вики Клинчарова

Поврзани новости