Пишува: Валентина Вурмо
Затвореничка сместена во женското одделение во затворот „Идризово“, во петиот месец од бременоста, неодамна, го изгубила своето бебе. Трагичниот настан се случил пред еден месец, или точно на 28 декември 2016 година, кога среде ноќ добила страшни болки. На помош веднаш и притрчале неколку затворенички, кои се обиделе да и дадат медицинска помош, бидејќи лекар во затворот има само до 16.30 часот.
Според нашата соговорничка, која се уште се наоѓа зад решетки, Брзата Помош ја чекале повеќе од еден час, по што ја однеле трудницата на скопските клиники. Но, за жал веќе било доцна. Го изгубила бебето.
На нашето прашање, дали затвореничката имала ризична бременост, соговорничката ни одговори дека тоа се подразбира бидејќи се наоѓа во затвор. Како што вели, таму била оставена без соодветна лекарска помош и грижа, поради што морала да добие прекин на казната, барем додека да се породи.
Во петокот, во тешка здравствена состојба, на скопските клиники заврши уште една затвореничка. Обвинувањата се дека и таа не добила навремена и соодветна помош. И оваа затвореничка првата медицинска помош ја добила од цимерките. Според нашите извори во затворот, жената била во многу тешка состојба. Немала пулс, а безуспешни биле и обидите да и го измерат крвниот притисок. Потоа , како што раскажуваат ја молеле затворска лекарка да дојде, бидејќи не знаеле повеќе што да прават. На крајот жената заврши на клиника, каде што била оперирана од пукнат чир.
Затвореничките не информираа дека нивната состанарка уште во четвртокот се пожалила на болки, но не добила лекарски преглед.
Се чини деновиве смртта „засчети“ во најголемиот затвор во државата „Идризово“, бидејќи за неполн месец, починаа дури тројца осуденици.
Првите двајцата починале во рок од 24 часа, откако биле однесени на лекување на скопските клиники. Едниот, 73-годишен гостиварчанец, како итен случај на 2 јануари бил донесен на Клиниката за нефрологија, а откако по неколку дена состојбата му се влошила бил пренесен на КАРИЛ каде што починал. Вториот осуденик, родум од гостиварското село Речане, битката со животот ја изгуби на возраст од 56 години, а надлежните информираа дека претходно боледувал од рак.
Пред десет дена, пак, почина уште еден станар на „Идризово“. Четириесет и осумгодишниот затвореник во затворската амбуланта се пожалил на болка во градите, по што набрзо починал. Кон крајот на минатата година, црниот биланс го зголемија уште двајца затвореници.
Лекарска негрижа или убиство? Ова е главната дилема на семејствата чии најблиски го изгубиле животот зад решетки. Се сомневаат дека, покрај мизерните услови во затворите, кои дополнително ја влошуваат здравствената состојба, нивните роднини не добиле соодветна и навремена лекарска помош, па од мала болка во градите завршуваат на смртна постела.
И покрај многуте обвинувања испратени на адреса на затворскат управа, досега за ниту еден смртен случај не одговарал вработен во затворот, поточно не била отворена ниту една истрага. Директорот на затворот Живко Пејковски вели дека за секој смртен случај тие го известуваат Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство, но оттаму во ниту еден случај не утврдиле дека станува збор за сомнителна или насилна смрт, поради што и никој не понел одговорност.
Народниот правобранител, Иџет Мемети, пак истакнува дека за последните пет смртни случаја имаат отворено постапка, но се уште не можат да донесат заклучок бидејќи им недостасуваат резултатите од обдукцијата. Сепак Мемети е дециден. Доколку имаат доволно докази и сомнежи дека е сторено кривично дело ќе бара кривична одговорност од одговорните лица во затворите, односно ќе поднесе кривични пријави до Јавното обвинителство.
-По смртта на еден од затворениците, кон крајот на минатата година, отидовме во затворот, извршивме увид, собравме изјави и дојдовме до констатација дека смртта настанала на пат кон болница. Затвореникот се пожалил на тегоби во градите, но немало кој да го прегледа. Немало кој да му даде прва медицинска помош, бидејќи лекарите во затворите работат до 16.30 часот, а нему му се слошило подоцна. Работата на лекарите ја „превзема“ затвореник, кој го викаат курир и тој му измерил притисок и му дал аспирин, по што болниот се вратил во собата. После извесно време повторно имал тегоби, по што нестручното лице решило да бараат помош, односно да го носат во болница. За жал, на пат кон болница човекот починал. За ова немам други зборови освен да кажам дека е неодговорност за која се одговара и е срам на кое дереџе се наоѓа здравствената заштита во затворите, вели Мемети.
Од Управата за извршување на санкции не одговорија на нашето прашање колку вкупно затвореници и притвореници починале во затворите во текот на изминатата година.
Минатата година, по слободен пристап за информации, од Управата за извршување на санкции добивме податоци дека во периодот од 2008 до март 2016 година починале 71 лице. Но, кога ги споредивме податоците по години, тогаш се утврди дека не се точни, односно некој манипулира со податоците. Имено, Управата за извршување на санкции никако да се договори, „самата со себе“, бидејќи во јавноста пласира различни податоци за бројот на починатите. Податоците кои ги објавуваат во своите годишни извештаи и оние кои ги добивме по слободен пристап до информации се различни.
Според податоци кои се јавно објавени на веб страницата на Министерството за правда, во годинешните извештаи на Управата, во извештајот за 2012 година, пишува дека починале осуммина, а нам ни одоговорија дека биле деветмина!?
Бројките не се поклопуваат ниту во 2013 година, бидејќи во извештајот е наведено дека починале вкупно 12 осуденици, а нам ни одговорија дека имало вкупно девет починати.
2014 година, според извештајот, починале 13 осудени, а до нас испратија одговор дека се 10.
Кога побаравме одговор од Управата за разликата во податоците се правдаа дека станува збор за техничка грешка и тоа за годините 2012, 2013 и 2014 година, истакнувајќи дека релевантните податоци се оние кои се објавени во годишните извештаи.
Но, откако деновиве го објавија последниот годишен извештај за 2015 година, повторно податоците не се совпаѓаат. Информацијата која ја добивме лани е дека во 2015 година починале 11 лица, од кои две си го одзеле животот а останатите починале од природна смрт. Во извештајот пак навеле дека во овој период починале 13 осуденици, од кои 12 починале од природна смрт, додека едно лице извршило самоубиство?!
Од Управата не одговараат ниту на прашањето зошто повторно има несовпаѓање на податоците, кои се потпишани од иста личност, директорката Лидија Гавриловска.