Заевизмот ја поскапи електричната енергија за граѓаните. Ова поскапување е колку две нови сметки на годишно ниво. Ете каков катастрофален удар на стандардот предизвика заевизмот, тврди опозициската ВМРО-ДПМНЕ во денешното соопштение.
-Електричната енергија освен базичното поскапување, дополнително поскапува и по основ на укинувањето на евтината дневна тарифа. Оттука вкупното поскапување изнесува над 15 %.
Ова значи дека едно семејство кое плаќало по 2000 денари месечно за електрична енергија ќе плаќа сега по 2300 денари плус ДДВ. Ако се земе предвид дека намалената стапка на ДДВ ќе се враќа етапно во текот на следната година ударот по семејниот буџет ќе биде уште поголем.
Уште полошо поминуваат компаниите кои набавуваа електрична енергија на слободниот пазар. Тие денес плаќаат неколку кратно повисока цена и се на работ на егзистенцијата, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ пак претходно во соопштение порача дека Владата предводена од СДСМ успешно спречила ценовен шок за граѓаните и драстично зголемување на цената на струјата.
-Мобилизирањето на сите домашни капацитети за производство на електрична енергија придонесе цената на струја да се зголеми за 9,48% што е далеку помалку од првичните проекции.
Притоа, евтината тарифа на струјата како и евтината тарифа во недела ќе се задржат, а дополнителни рестрикции нема да има.
Економијата е стабилна и ликвидна, државата е подготвена да им помогне на граѓаните и компаниите во надминување на овој предизвик, се вели во соопштението на СДСМ.