Смени на директори на клиники: Зоран Караџов нов директор на Дигестивна хирургија, анестезиологот Алберт Леши на КАРИЛ?

by Fokus

Во наредниот период продолжуваат кадровските промени во јавните здравствени установи, со што повеќето од директорите ќе ги напуштат своите директорски фотељи, во кои запоседнаа за време на 10-годишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ.

Нашите болнички извори тврдат, дека се прават сите напори скопските клиники да се спојат во еден Клинички центар, како што беше порано, но затоа е потребен подолг период. Доколку, тоа се случи, со скопскиот Клинички центар би управувал само еден директор, а секоја клиника би добила свој раководител.

Постои уште опција, а тоа е сега за сега да се спојат само хируршките клиники и со нив, исто така да раководи еден директор. Доколку, тоа се случи, тогаш на чело на хирургија најверојатно би застанал абдоменалниот хирург Зоран Караџов, кој и доколку тоа не се случи, би директорувал со скопската Клиника за дигестивна хиругија од каде што доаѓа сега.

Според нашите информации, меѓу лекарската фела веќе неколку денови се вртат имињата на неколку кандидати за директори, така што на директорското столче на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ) најверојатно би седнал анестезиологот Алберт Леши.

„Фокус“ пред десетина дена објави дека скопската Клиника за очни болести, на местото на досегашниот директор Илјаз Исамили, би требало да седне доктор Беким Татеши, додека на Урологија, наместо досегашниот Михаил Пенев, најверојатно ќе седне доктор Сашо Дохчев.

Прв од директорите, кој експресно ја напушти фотељата е доктор Милан Ристески од Клиниката за онкологија и радиотерапија, а на негово место седна доктор Никола Васев. Промени на директорските позиции ќе има и на скопската Клиника за Гинекологија, па како што веќе објавивме доктор Марија Хаџи-Лега се очекува денеска да биде разрешена, а на нејзино место најверојатно ќе дојде доктор Викторија Јовановска.

Министерот за здравство Арбен Таравари најави дека на некои од клиниките можно е да останат старите директори бидејќи за изборот на директор не е важна политичката припадност, туку стручноста и професионалноста. Тој се уште јавно не ги споделува имињата на директорите кои ќе бидат разрешени, ниту пак на тие што ќе бидат нивни наследници. Единствено што кажа е дека во наредниот период, секоја недела ќе се менуваат по два-тројца директори на клиники.

И.М.

Поврзани новости