Македонскиот документарен филм „Медена земја“ од страна на Американската филмска академија е номиниран за „Оскар“ во две категории – за најдобар документарец и за најдобар странски филм.
– Ова е прв пат во историјата на „Оскарите“, документарен филм да е номиниран во две категории, што значи дека ова не е само успех со историски размери, туку истово потврдува дека документариот јазик влегува во ерата на негово вистинско вреднување, каде стои рамо до рамо со фикционалната нарација, а заради својата реалност заслужува посебна опсервација. Провоцира искрено сочувство, кое не се заборава после гледањето на филмот, напиша тимот на „Медена земја“ на нивниот фејсбук профил.
Екипата на филмот наведе дека ова претставува големо достигнување на филмот.
– Големи се фестивалите, кои го слават и величаат. Но, уште поголема треба да биде промената на која се надеваме. Таа промена тргнува од секој од нас поединечно, истакнаа тие.
Меѓу петте номинирани за најдобар документарец покрај „Медена земја“ се и „Американска фабрика“, „Пештерата“, „Доба на демократија“ и „За Сама“, а за најдобар странски филм номинирани се и „Корпус кристи“ од Полска, „Клетници“ од Франција, „Болка и слава“ од Шпанија и „Паразит“ од Јужна Кореја.
Ова е првпат еден македонски филм да биде номиниран за „Оскар“ во две категории. Досега, „Пред дождот“ на Милчо Манчевски беше единствениот македонски филм кој доби номинација за „Оскар“, во 1995 година.