Дуклески: Полесно е да се биде Радмила, отколку Фатиме

by fokus

„Ако за Радмила Шеќеринска ми беа потребни само неколку часа, верувајте, со Фатиме Фетаи баш добро се изнамачив. Фризури, шминкери, средување, многу време ми одзеде“. Вака за ,,Фокус” раскажува младиот василичар, ТВ водителот и уредник на сатаричниот портал на ,,Шило Магазин”, Диме Дуклески од Охрид, кој е редовен учесник на Вевчанскиот карневал.

Охриѓанецот во 2018 година беше маскиран во министерката Радмила Шеќеринска и го привлече вниманието на посетителите на карневалот, но и на фоторепортерите кои објавија доста фотографии од неговата маска.

Годинава вели дека се одлучил да се маскира во обвинителката Фатиме Фетаи, бидејќи се водел од тоа кој лик бил популарен во годината која што изминала.

-Мислев дека ќе биде лесно, но со Фатиме работите одеа многу потешко отколку што претпоставив. Освен фризер, шминкер, време ми одзеде печатењето на маичката, на транспарентот… Затоа тврдам дека многу полесно е да се биде Радмила, отколку Фатиме. За неа само неколку часа потрошив, сам се дотерав. Има разлика од жена до жена – се шегува Дуклески.

Додава дека неговата сопруга по потекло е од Вевчани, па затоа не го пропуштал карневалот.

-Секоја година јасно и гласно ја праќам мојата порака, имитирајќи ги политичарите и нивните грешки – вели тој.

Денес во Вевчани се одржува главното дефиле на маски. Традиционално, секоја година, политичарите се голема инспирација за учесниците на карневалот. Се прави пародија на она што во текот на изминатата година се случуваше на политичката сцена, а секоја година голем е бројот на политичари кои се гости на настанот, каде на сатиричен начин им се упатува јавна критика.

Општина Вевчани е организатор на манифестацијата, под покровителство на Министерството за култура. Се очекуваат илјадници гости, а за музичката програма се задолжени Влатко Лозаноски, Eye Cue, Brass Brothers, DJ Todoroff, Дамјан Стојановски и Татијана Стефановска.

Вики Клинчарова

Поврзани новости