Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, во првите денови од својот мандат констатирал превработеност во Општината, блокирана сметка и службеници кои примаат плата, а не доаѓаат на работа. Намалувањето на превработеноста почна со 40 лица на кои договорот за работа им истекол на 31 октомври и нема да им биде продолжен. Богоев тврди дека не се работи за партиски реваншизам.
-За дел од нив постојат сознанија дека земале плата, а не оделе на работа, а дел биле во сектори каде што постои голема превработеност. Исто така, има вработени кои работеле во одделенија каде што имало превработеност. За илустрација, морам да направам споредба со Општината Аеродром , и да истакнам дека во таа општина има помалку вработени одошто кај нас во Карпош, а има повеќе жители. Општина Карпош има преку 400-тини вработени, и е локална самоуправа, меѓу првите со најголема вработеност во Република Македонија – изјави Богоев на денешната средба со новинарите.
Како што рече првиот човек на Карпош, Финансиското работење на општината се’ уште е под инспекциски надзор на Државниот завод за ревизија, а добиените резултати ќе бидат споделени во јавноста.
Тој рече посебно ќе се осврне на проблемот со загадувањето, кое координирано ќе се решава со Градот Скопје и со Министерството за животна средина.
Богоев најави дека во Карпош паркирањето и натаму ќе биде бесплатно, но дека ќе инвестира во изградба на еко паркинзи, базени во основните училишта, пензионерски дом во Злокуќани и паркови за миленичиња.
-Општината ќе се урбанизира во оние делови каде што има простор, односно каде што не е населено или во понеразвиените делови, како што се Касарната Илинден, делови од Бардовци, Злокуќани и Зајчев Рид – додаде тој.
Богоев напомена дека инспектори вработени во Општина Карпош постојано се на терен на локацииите каде што се гради, да ги контролираат градежните активности и почитувањето на прописите при градење.