Случајот со Кежаровски ќе стигне и до судот за човекови права во Стразбур

by Фокус

Случајот со осудениот новинар Томислав Кежаровски, најверојатно ќе стигне и до судот за човекови права во Стразбур. Но, најпрвин мора да се искористат сите правни лекови во државата, па затоа адвокатот на Кежаровски, Филип Медарски ќе поднесе Барање за вонредно преиспитување на правосилната пресуда до Врховниот суд.

-Овој случај е преседан во Европа. Осуден е невин новинар, па затоа секако дека ќе поднесеме барање за вонредно преиспитување на пресудата  на Апелациониот суд Скопје пред Врховниот суд со цел да ги исцрпиме сите правни лекови во Македонија, а не е исклучена и жалба пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур “, вели адвокатот Медарски.

Право на овој вонреден правен лек до Врховниот суд имаат сите осуденици кои добиле затворска казна повисока од една година.

Медарски барањето ќе го поднесе поради повреда на Кривичниот законик, повреда на одредбите на кривичната постапка и поради повреда на правата на одбраната.

Новинарот Кежаровски, во вторникот, беше пуштен од затворот „Скопје“ по барање на директорот на затворот, а по одлука на директорката на Управата за извршување на санкции, неговата казна да се прекине во рок од 30 дена, поради влошена здравствена состојба.

Денеска, пак, Кривичниот суд го прифати и барањето за условен отпуст на Кежаровски, што значи дека тој останува на слобода бидејќи издржувањето на неговата затворска казна се прекинува.

Сепак оваа одлука не е конечна, бидејќи во рок од осум дена Обвинителството има право да поднесе жалба и да побара Кежаровски преостанатите три месеци и осум дена да ги одлежи во затвор. Доколку обвинителството поднесе ваква жалба, по неа ќе решава Апелациониот суд.

 

Поврзани новости