Случајот со Аниса не е единствен, тинејџерка од Скопје пет дена не му дозволила на 10-годишно девојче да си оди дома, го најдоа во ќебе на улица!

by fokus

Исчезнувањето на 12-годишната Аниса Ајро од Скопје, која во четвртокот среде настава била повикана од 15-годишаната М. К., по што и се губи трага, ја бранува јавноста.

Од она кое официјално се знае за М. K., која отишла во основното училиште на Аниса и потоа ја одвела некаде, е дека девојчето и во минатото се случувало да замине од дома и семејството да го бара.

До сега, како што ни изјавија од семејството на Аниса, таа не е пронајдена, а не е пронајдена ниту тинејџерката која ја одвела со себе.

За Аниса, нејзиниот татко Енгин за ,,Фокус” изјави дека била типична тинејџерка, која никогаш не се однесувала проблематично. Била повлечено девојче, и настанот е голема траума за семејството.

-Имавме повеќе јавувања од граѓани дека некаде ги забележале девојчињата, полицијата проверуваше насекаде, но досега тие не се пронајдени – ни изјави денес тетката на Аниса, Семра Ајро.

Сличен случај, кога 10-годишно девојче од Скопје исчезна и по него се трагаше пет дена, се случи во декември 2020 година.

Тогаш родителите на девојчето за ,,Фокус” раскажаа дека ја пратиле нивната ќерка да купи нешто од блиската продавница, а кога таа не се вратила дома, сфатиле дека нешто лошо се случило.
Започнале да ја бараат, и случајот го пријавиле во полиција.

Како што појаснуваше таткото, успеал да дознае дека неговата ќерка била пресретната од девојче кое било две-три години постаро од неа, го знаеле кое е, но не и било другарка на ќерка му.
Тоа ја однело со себе во непознат правец и од девојчињата немаше трага дури пет дена.

На петтиот ден од исчезнувањето, родителот телефонски се обрати во ,,Фокус” и замоли да ја објавиме фотографијата од ќерка му. Беше очаен и бараше помош од јавноста.

Само неколку часа по објавата на фотографијата, која потоа масовно започна да се споделува на социјалните мрежи, девојчето беше пронајдено.

Луѓе кои го препознале веднаш му се јавиле на таткото.

-Откако ми се јавија луѓе кои ја препознале од објавените фотографии, јас веднаш со пријатели се упатив на местото. Ја најдовме завиткана во ќебе, на улица, во близина на Државна болница. Со неа беше и повозрасното девојче за кое имавме сознанија дека е со неа.
Кога ја видов, започнав да плачам, бидејќи бев среќен што ја гледам жива и здрава.

Заминавме дома, а потоа и во полиција да дадеме изјава. Од она кое го кажа ќерка ми, девојчето не ја пуштало да си дојде дома, таа е мала, се исплашила и го слушала се што ќе и каже. Мирна е и повлечена.
Овие пет дена, додека беше исчезната, се движела со девојчето околу Бит Пазар – ни изјави тогаш родителот.

Од МВР тогаш го потврдија случајот, и наведоа дека девојчето било принудено на питачење.

Поради сличностите на двата случаи, побаравме информација дали евентуално станува збор за истата тинејџерка, односно дали М.К. е девојчето од случајот од 2020 година.
Од министерството ни одговорија дека немаат информации дали се работи за истата тинејџерка, бидејќи во документацијата било евидентирано само дека 10-годишното девојче тогаш било принудено на питачење, но не и од кого.

Вики Клинчарова

Поврзани новости