Жолта „фиат линеа“ е дел од 300-те возила кои во 2008 година ги набави МВР, а за што СЈО кривично го гони тогашниот помошник министер Ѓоко Поповски, бидејќи наместо од најповолниот понудувач, возилата биле набавени и од послабо рангираните компании кои учествувале на тендерот, со што според обвинителството била предизвикана штета од 27,8 милиони денари.
Поголемиот дел од возилата биле наменети за крим полицијата, а неколку завршиле и во тајната полиција, односно во УБК. Од МВР се правдаат дека намерата била да се набават различни марки на возила, кои нема да бидат униформирани за да не бидат лесно препознатливи при нивните тајни задачи, а од СЈО им посочуваат дека доколку намерата им била да бидат конспиративни, тогаш немало да набават жолта линеа, која не само што паѓа во очи, туку се забележува и од хелихоптер и тоа од голема далечина.
Според обвинението на СЈО, набавката на овие возила била спроведена преку три Лотa, или делови, со кои се набавувале возила со различна кубикажа и карактеристики. Но наместо најповолниот економски оператор, во секој од трите дела, и останатите учесници на тендерот добиле дел од тендерскиот колач, иако немале најповолни понуди. Па така, за првиот Лот кој се однесува на набавка на 120 возила, прворангираната компанија склучила договор за 50 возила, второрангираниот склучил за 20 возила, четврторангираниот за 30 возила и петорангираниот за 20 возила.
Вториот Лот бил за набавка на 150 возила, па според СЈО наместо договорот да се склучи само со прворангираната компанија која била најповолен економски понудувач, комисијата предложила преку неа да се набават само 20 возила. Со треторангираниот предложиле да се склучи договор за 60 возила, со четврторангираниот за 40 возила, а со петорангираниот за 30 возила.
Третиот Лот се однесувал на набавка на 30 луксузни возила. И во овој случај прворангираниот ја добил најмалата зделка, односно за набавка на само 5 автомобили, второрангираниот за дури 20 автомобили и треторангираниот за 5 возила.
Според СЈО, обвинетиот Поповски иако знал кој се економски најповолните понуди за секој лот, сепак склучил договори со предложените економски оператори.
На денешното судско рочиште за случајот „Триста“ во Кривичниот суд продолжи доказната постапка за овој случај, при што беа сослушани четворица сведоци предложени од СЈО. Сите четворица, кои во тој период биле вработени во МВР, биле дел и од Комисијата за јавната набавка. Тие пред судот посочија дека тендерот бил спроведен законски и транспарентно.
Сведокот Ристо С. кој во 2008 година бил виш советник во кабинетот на министерот, истакна дека возилата требало да бидат од различна марка за да не бидат препознатливи за криминалците.
Слободанчо С., кој исто така бил виш советник и член на Комисијата, појасни дека било одлучено возилата да не се набават преку оперативен лизинг, кој бил понеисплатлив, туку на 36 рати преку кредит. Тој појасни дека критериумот бил економски најповолната понуда, како и тоа дека набавката била поделена на три дела, но според него имало и можност да се подели набавката внатре во лотовите, по количина на возила.
-Заради избегнување на униформираност на возилата а за потребите на УБК, кои имаат потреба од конспиритивна работа, заради тоа беа предвидени во еден дел повеќе видовин на возила, рече сведокот.
Третиот сведок, Тони Ѓ., кој за време на набавката бил помошник директор во БЈБ, појасни дека набавката била неопходна бидејќи крим полицијата се соочувала со недостиг на возила.
-Видов дека во МВР најновиот автомобил е стар 20 години. Одржувањето беше премногу скапо, а за дел повеќе не се произведуваа резервни делови, истакна сведокот.
Тој додаде дека поради набавката бил во Словенија, Хрватска, Бугарија, Косово и Босна, за да ги види нивните искуства, по што добил совет да набави повеќе видови на автомобили.
-Најмногу се водевме од барањата на инспекторите. Спроведовме тендер кој беше најдомаќински и најтранспарентен. Ова е школски пример за тоа како еден тендер треба да се спроведе, заклучи сведокот.
Последниот сведок, Ратко О., кој бил на позицијата началник, истакна дека и според него целата постапка била транспарентна.
Наредното рочиште за овој случај е закажано за 28 март, кога треба да сведочат уште неколкумина сведоци.
В.В.