Во претесната судница 9, во Кривичниот суд, денеска се стуткаа доскорашните највисоки функционери во МВР, екс министрката Гордана Јанкулоска, поранешниот прв човек на УБК, Сашо Мијалков, неговиот шеф на кабинет Тони Јакимовски, и уште шестмина обвинети во случајот „Таргет и Тврдина“.
Претесната судница не успеа да ги собере насобраните новинари, па дел од нив текот на рочиштето го проследија од ходникот. Интересот за ова судење е голем, бидејќи стартуваше еден од најважните предмети на СЈО со кој конечно треба да се расчисти аферата со нелегалното масовно прислушување. Снимателите и фотографите воопшто не стапнаа во судница, бидејќи како што појасни судијката Ленка Давиткова, обвинетите не дозволиле да бидат фотографирани и снимени поради пресумпција на невиност, но и бидејќи голем дел од нив сѐ уште работат во УБК.
На обвинителна клупа недостасуваа двајцата бегалци, Горан Грујевски и Никола Бошковски, кои денеска ќе дознаат дали ќе бидат екстрадирани во Македонија.
Додека судијката Давиткова ги читаше имињата на присутните обвинети и нивните адвокати, настапи изненадување кога го прочита името Владимир Варелов. За ова име јавноста слушна уште пред неколку месеци, откако се откри дека бегалецот Груевски користел таен идентитет на ова име, а подоцна се дозна дека всушност идентитетот не е измислен, туку лице со исто име и презиме работи во УБК. Дури денеска се откри и дека истиот, заедно со Грујевски, е обвинет во „Таргет и Тврдина“.
Денешното рочиште се одложи, бидејќи како посочи судијката Ленка Давиткова, на рочиштето оправдано не е присутен адвокатот Миле Петровски, кој бил ангажиран во случајот „Труст“ на СЈО. Петровски застапува поголем дел од обвинетите, меѓу кои и Мијалков, но покрај него, поранешниот директор ангажирал уште тројца адвокати и тоа Антонио Апостолски, Љупчо Шврговски и Петар Василев. Јанкулоска пак ќе ја бранат адвокатите Василев и Шврговски.
На заминување од судот, на прашање на новинарите, кои докази ги доставил Мијалков бидејќи судијката информираше дека неговите адвокати доставиле листа на докази, тој кусо изјави „се уште е рано“. Листа на докази доставила и одбраната на Јанкулоска. Околку судот, покрај новинарските екипи, беше забележително и обезбедувањето на Мијалков.
Во овој случај Грујевски, Јакимовски, Јанкулоска и Бошкоски се првите четворица обвинети, против кои е поднесен обвинителен акт, а за останатите осумина, меѓу кои и Мијалков е поднесен обвинителен предлог.
Разликата меѓу обвинителен акт и обвинителен предлог е тоа што предлозите се водат по скратена постапка и за нив се предвидени помали казни. Сепак во овој случај, заедно ќе им се суди на сите обвинети.
Мијалков со обвинителниот предлог се гони за три кривични дела и тоа за злосторничко здружување за што е предвидена казна од една до пет години, за злоупотреба на службената положба, за што е пропишана казна од шест месеци до пет години и примање награда за противзаконито влијание, кое се казнува со една до три години.
На еден од обвинетите во овој предмет нема да му се суди, бидејќи уште пред неколку недели призна вина, по што постапката за него била раздвоена. Тој беше осуден на условна казна од шест месеци, доколку во рок од две години не стори ново кривично дело. Признанието на овој обвинет дава придонес и во докажувањето на делот со бришењето на логовите од прислушувањето во УБК, како што утврди странски експерт.
Истрагата за предметот со кодно име „Тврдина“ беше отворена на ден 29.03.2016 година, а за предметот „Таргет“ на ден 17.11.2016 година. Поради нивната поврзаност, при подготовка на обвинението предметите се споени во еден единствен предмет.
Случајот се однесува на незаконското следење на комуникациите во период од 2008 до 2015 година. Обвинетите се товарат за кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување при прислушувањето на најмалку 5.827 телефонски броеви или 20.017 нелегално прислушувани граѓани.
Наредното рочиште за овој случај е закажно за 17 јануари, а тогаш најверојатно предметот ќе биде во рацете на друг судија, бидејќи судијката Давиткова со новиот годишен распоред кој треба да стапи на сила од 1 јануари 2018 година, од одделението за организиран криминал, е прераспоредена во одделението за кривично полнолетни.
Како што веќе објави „Фокус“, Давиткова е судијката која заедно со уште двајца судии не дозволи да се замрзне партиското седиштето на ВМРО-ДПМНЕ и го осуди Зоран Верушевски на три години затвор за поседување на службен пиштол.
В.В.