Случај „Талир“: Јанакиески и Божиновски од сопственикот на „Урбан Инвест” барале 15.000 евра

by Fokus

Сопственикот на кавадаречката компанија „Урбан инвест“, Јован Грков, во своето денешно сведочење во случајот „Талир“ изјави дека лично од обвинетите Миле Јанакиески и Кирил Божиновски пред избори добил наредба да даде 15 илјади евра.

Сведокот Грков при својот исказ пред Судот уште потврди дека добивал тендери за градежни активности од Град Скопје и од други општини.

На прашање на обвинителката Ленче Ристоска дали некој од ВМРО-ДПМНЕ барал пари од него, односно од фирмата, приговараа адвокатите на сите обвинети дека прашањето е наведувачко, па прашањето беше преформулирано.

– Некаде пред изборите добив СМС порака од Марјан, претседател на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ – Центар. Ми пиша дека треба да отидам во Владата. Во посоченото време отидов, ми кажаа пред која канцеларија да отидам. Почекав, ме викнаа Миле Јанакиески и Кирил Божиновски. Состанокот траеше кратко, ми рекоа имам обврска да дадам 15.000 евра. Ми рекоа на лицето Марјан да му ги предадам. Не ми кажаа зошто треба да ги дадам парите. По неколку дена му ги дадов тие 15.000 евра на Марјан. Му ги дадов на рака. Потврда, документ не добив од Марјан за парите што ги дадов, одговараше сведокот на прашања на Ристоска.

Грков по овој одговор беше прашан и дали се спротиставил на ова барање, на што тој одговори со ,,не” и образложи дека знаел оти мора да го исполни барањето.

Потоа настапија адвокатите на обвинетите со вкрстени прашања за потребите на одбраната.

Инаку, денешното судско рочиште за случајот „Талир” за незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ и перење пет милиони евра, почна со казна за адвокатот Донче Наков од 500 евра од страна на судијата за организиран криминал Осман Шабани. Минатото судење за овој случај беше одложено затоа што претставникот на ВМРО-ДПМНЕ, партискиот портпарол Наум Стоилковски не дојде, оти, како што го оправда адвокатот Наков, се разболел.

– Адвокатот кажа дека ќе достави медицинска потврда до Судот како доказ за тоа што му го кажал претпоставувам клиентот – претставник на партијата. Наков тоа до денеска не го стори, а јас кажав на минатото рочиште дека давам наредба за негово полициско спроведување ако до Судот не донесете документација. Поради тоа и претставникот беше приведен. Судот го казнува адвокатот Донче Наков со парична казна од 500 евра во денарска противвредност, соопшти судијата Шабани.

Поврзани новости