Основниот суд во Велес денеска ја објави пресудата за случајот „Ореше“ во која тројцата обвинети добија казна затвор. Ѓоре Петровски како нарачател на убиството над Лазо Милошевски, е осуден за 13 години затвор, а на браќата Ордан и Љупчо Ѓоргиевски им се пресудени по 10 години затвор како извршители на убиството.
За адвокатот на браќата Ѓорѓиевски, Ѕвонко Давидовиќ, ова е срамна пресуда и покажува колку судството е паднато на ниски гранки.
-Казната за платено убиство за да лишите од живот друг човек е доживотен затвор, не може да е 10 години. Откако судијата донесе ослободителна пресуда по двете претходно изречени затворски казни за истиот предмет, беше осуден. Сега пак имаме осудителна пресуда. Ваква алиби пресуда значи дека судите се плашат. Нема доказ дека браќата пукале, ја нема пушката, земената парафинска ракавица не покажува дека кај нив има нитратни честички. Одземените обувки не се совпаѓаат со најдените отисоци на местото од каде што е пукано – изјави Давидовиќ .
Според обвинителката Славица Темелковски факт било дека вечерта кога Љупчо и Ордан биле во Ореше, кај себе имале огнено оружје. и дека Љупчо следниот ден испукал на лов два куршуми без причина.
-Прашање е зошто кога браќата оставале парична донација, испратена од Ѓоре од САД, наменета за локалната црква, барале да има секогаш некој од црковниот одбор. Заштитениот сведок Бреза, кој потоа стана обичен сведок Златко Арсовски, ги менува изјавите што е дел од конструкцијата на одбраната. Вештите лица објаснуваат дека тој зборува што нему му одговара во моментот – рече Темелковски.
Како што пишува во обвинителната пресуда, Ѓоре Петровски сакал да му се одмазди на убиениот Лазо Милошевски, бидејќи сметал дека пред повеќе години пукал во него и го ранил. За ова Петровски телефонски ги најмил браќата Ордан и Љупчо Ѓоргиевски, кои го извршиле убиството за 20 илјади долари. Убиството се случило на 2 декември 2005 година во 20.45 часот, додека Милошевски ја подготвувал вечерата во неговиот дом.