Студентската окупација ќе трае додека владата не ги исполни барањата за пишување на нов текст за закон за високо образование

by Фокус 20:56
20:56

Средбата која вчера се одвиваше меѓу Студентскиот пленум, Професорскиот пленум, министерот за образование и министерот за финансии и ректорот на Универзитетот Св. Кирил и Методиј, заврши со договор за нова средба и анализа во наредните денови на слабостите на постоечкиот закон за високо образование, информира денеска Ивана Туфегџиќ од Студентскиот пленум.

Според Туфегџиќ, Студентскиот пленум на средбата барал интегрално нов текст на законот за високо образование и ги изнел аргументите за тоа, а потоа преговарачките страни се согласиле за нова средба. Туфегџиќ додаде и дека има простор за кооперативност меѓу владата и студентите.

-Окупацијата ќе трае додека не ни се исполни барањето да добиеме потврда дека ќе почне да се пишува нов текст за високо образование, па оваа енергија од тука да ја насочиме кон пишување на нов закон, којшто ќе гарантира квалитетно високо образование – изјави Туфегџиќ.

- Advertising -

После вчерашната средба, ректорот на УКИМ, Велимир Стојковски, испрати кратко соопштение.

– Врз основа на излагањата беше договорено низ отворен дијалог да се дојде до заеднички решенија за унапредување и обезбедување на квалитетот во високото образование. Во таа насока беше заклучено да се формира работна група со претставници на Универзитеот, вклучувајќи ги и Студентскиот и Професорскиот пленум, како и претставници од МОН, која во рок од 30 дена ќе изготви анализа на состојбите, врз основа на која ќе се дефинира концептот за изработка на законски текст за високото образование – пишува во соопштението на ректорот.

Поврзани новости