Случај „Империја“: Замрзнати се акции на „Ексико“, хотел Мериот, Офицерски…

Поради основано сомнение дека имотот потекнува од кривично дело, на барање на обвинителството, судот замрзна уддели, акции и недвижности што се поврзуваат со Мијалков и Груевски.

by Фокус

Покрај апартманите во „Панорама“ и удделот на Александар Ивановски во „Дивелоп Груп“, поради индиции дека овој имот е поврзан со Никола Груевски и Сашо Мијалков, на барањето на Обвинителството за организиран криминал, во рамки на предметот познат како „Империја“, кривичниот суд донел одлука за замрзнување и на друг имот за кој обезбедените докази упатуваат дека е поврзан со двајцата братучеди…

Судијата на претходна постапка ги прифати барањата и со Решение определи привремени мерки со кои се забранува располагање, заложување и оттуѓување на имотот по каков било правен основ. Привремените мерки согласно закон може да траат најдолго до завршување на кривичната постапка пред првостепениот суд или да бидат укинати по службена должност. Запленувањето не е конечно“, соопштија од Обвинителството.

​Се на се, се работи за 6 прифатени барања за определување на привремена мерка забрана за оттуѓување и располагање со недвижен имот, како резултат на постоење на основано сомневање дека имотот потекнува од кривично дело и дека до крајот на кривичната постапка ќе биде особено отежнато или оневозможено неговото одземање, дотолку повеќе што предложениот имот е пренесен на трети лица за да се прикрие неговиот вистински сопственик.

ХОТЕЛ МЕРИОТ

Како што пишуваше Фокус, првично беше замрзнат удделот од 67,5 отсто на Ивановски, познат како Алек Теранова во „Дивелоп Груп“, бидејќи истрагата покажала дека тој реално поседува само 21,5 отсто од овој уддел, додека зад останатите 46 отсто се „крие“ Мијалков, а има индиции дека 23 отсто од нив се во реална сопственост и на Груевски.

Но, поради основано сомнение дека имотот потекнува од кривично дело, обвинителството побарало изрекување на привремена мерка за забрана на оттуѓување и располагање и на удделот на „Бест Веј Инвестмент“, чиј сопственик е Јордан Мијалков, син на поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков.

На тој начин, замрзнат е и малцинскиот уддел од 32,5 отсто на „Бест Веј“ во „Дивелоп Груп“, како и основачкиот влог на оваа компанија во друштвото „Гранд М“, преку која всушност „Дивелоп Груп“ и неговите сопственици го поседуваат луксузниот хотел „Мериот“ во центарот на Скопје, кој, исто така, е опфатен со привремените мерки.

ОФИЦЕРСКИ ДОМ

Исто така, како што информираа од ЈО, замрзнат е и недвижен имот, односно деловен простор во градба со површина од над 500 квадратни метри, лоциран на Плоштад Македонија, чие сопственичко право официјално го носи друштвото „Сис Инвест Груп“, каде, пак, во Централниот регистар како сопственик се јавува рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко.

Инаку, станува збор за објектот познат како Офицерски дом, за кој Самсоненко своевремено обвинуваше дека фирмата „Кратер“, во спрега со неговиот некогашен управител Ратко Капушевски, сакала незаконски да му го одзеде, а како, според него, течела целата операција, самиот Самсоненко објаснуваше во интервју за Фокус.

Се работи за организирана шема, во спрега со фирми, посредници и судот, како и обвинителство, позната во светот како организирано преземање објект со намалување на цената, негово фиктивно обезвреднување и нанесување штета на друг. Се ова ниту може да биде случајно, ниту, пак, може да се организира без спрега со надлежните органи – говореше, меѓу другото, Самсоненко.

ФАМОЗНАТА ЕКСИКО

На крајот, замрзнати се и акции во „Стопанска Банка – Битола“ во сопственост на фамозната офшор компанија „Ексико“, која, како што пишувавме, не пријавила вистински сопственик, иако новата законска регулатива пропишува сите домашни фирми во сопственост на други странски фирми да пријават физичко лице како краен сопственик.

Станува збор за 7.213 акции на „Ексико“ во „Стопанска Банка-Битола“, чија номинална вредност, според Централниот депозитар за хартии од врдност, изнесуваат по 3.000 денари по акција или вкупо 21.639.000 денари.

Во сопственичка структура на оваа компанија поминале повеќе офшор компании, како „Делта Инвестмент ЛТД“ од Белизе, „Калвус ЛЛС“ и „ТМЈ Инвестмент СА“ од Лугано, Швајцарија, додека како нејзин управител се јавува Тодор Мирчевски, третиран како осомничен во предметот „Империја“, во чии рамки истрагата е завршена и се очекува обвинителен акт.

АТРАКТИВНО ЗЕМЈИШТЕ

Можеби нема голема финансиска активност, но „Ексико“ се уште поседува атрактивен и вреден недвижен имот, со оглед дека податоците од Катастарот на недвижности покажуваат дека компанијата има имот на скопско Водно, што се простира на две соседни катастарски парцели (2424/23 и 2424/24).

Се работи за градежно земјиште со вкупна површина од 1.636 квадратни метри, на кое е изграден објект со намена Б5-2 (хотели) и објект со намена А4-7 (времено сместување). Во рамки на овие два објекти, „Ексико“ преку ИЛ 16375 полага сопственичко право врз внатрешна површина од 2.350 квадратни метри. Воедно, компанијата поседува дополнителен имот на скопско Водно, апартмани во Охрид….

Нејзината фирма-ќерка, пак, „Бетком“, пак, поседува земјиште во Гевгелија, во непосредба близина на границата со Грција. Покрај тоа, „Ексико“, заедно со уште една офшор фирма – „О.Т.Е. Инвест“, своевремено поседуваа акции во ЗК „Пелагонија“ и АД „Жито Полог“, кои во најголем дел подоцна преминаа во сопственост на „Софија-Градба“, чиј сопственик е токму „Бест Веј“ на Мијалков.

Влатко Стојановски

Поврзани новости