СЛОЖНИ БРАЌА КУЌА КРАДАТ

by Fokus

Буџетот не треба да финансира политички партии. Приказните за демократски побуди, плурализам итн. се токму тоа- приказни, сите сме свесни колку во Македонија има и плурализам и демократија. Доколку пак овие средства не се укинат, истите треба значително да се намалат. А ако ме држи меморијата, оваа ставка е порасната, а не намалена, бидејќи нашите партијаши не се навикнати да “гладуваат”.

Пишува Јанаки МИТРОВСКИ

Без потребната помпа во јавноста помина информацијата дека Собранието, и политичките партии чии пратеници седат внатре си ги изгласаа три и пол милиони евра, кои им беа на стенд бај поради, внимавајте Ковид пандемијата и економската криза која верно ја следи.

Како ретко досега се обединија и власт и опозиција, и леви и десни, и пратеници кои секојдневно се јавуваат на говорница и онакви кои не ни знаеме дека се пратеници. Просто речено, парата е слатка за сите. Не чувме појаснување дали тоа Ковид кризата заврши, па се фрлија на арчење буџетски средства, дали тоа има еден тон други приоритети. Едноставно, малтене акламативно и братски сложно си ги поделија нашите пари.

АЛИБИ ПОЗИЦИЈА НА ЛЕВИЦА

Овој пат немаше илјадници амандмани-што е познат и легитимен метод на оптрукција, немаше бескрајни беседи од говорница, немаше поделба на патриоти и предавници и зашто би, кога се тоа се предавници! Единствено воздржано гласал пратеникот на Левица, Крмов, но мој впечаток е дека тоа е повеќе алиби позиција, отколку реален отпор.

Токму од оваа партија очекував ова да биде опструирано на било кој начин, бидејќи гласање против во услови кога e јасно дека ќе биде изласано глатко, не е доволно. Мене ми е сосема јасно дека Левица како нова и се уште мала партија, помалку или повеќе зависи од овие пари. Мене ми е кристално јасно дека доколку се сака да се остане независен од олигархиски и бизнис интереси, потребни се овие средства, исто како што ми е јасно дека на оваа партија и заглавија значителни средства во скандалот Еуростандард банка, но наративот “парите за мебел можеа да се искористат за тоа и тоа” го наметна токму Левица и затоа очекував повеќе. Нејсе, не е тоа прво, нити последно разочарување од македонски политичари.

ГОЛЕМИТЕ ПАРТИИ И ЧЛАНАРИНАТА  

Се обидов ова да го посочам на социјалните мрежи кај челниците на оваа партија со кои се познавам, но таму суетите се огромни и секоја колку год добронамерна критика се дочекува на нож. Како “контранапаѓач” во последно време е активен еден екс хардкор груевист и краен десничар кој е дискутабилно што таму бара, сем гол опортунизам.

Во однос пак на поголемите партии, СДСМ и ДПМНЕ пред се, не гледам причина зашто денар би добиле од буџет. Си имаат по неофицијално двесте илјади членови, од кои сто илјади се флуктуирачки и ако секој од нив донира по петстотини денари на годишно ниво ќе се соберат доволно средства за да функционираат. Но, очигледно државната чешмичка е најслатка.

Мој личен принципелен став е дека буџетот не треба да финансира политички партии. Приказните за демократски побуди, плурализам итн. се токму тоа- приказни, сите сме свесни колку во Македонија има и плурализам и демократија. Доколку пак овие средства не се укинат, истите треба значително да се намалат. А ако ме држи меморијата, оваа ставка е порасната, а не намалена, бидејќи нашите партијаши не се навикнати да “гладуваат”.

Поврзани новости