Донесувањето на уставните измени е неопходен предуслов за Северна Македонија да продолжи во следната фаза на процесот на евроинтеграции и затоа е потребно да се изгради внатрешен политички и меѓупартиски консензус за негово успешно спроведување.
Ова го порача меѓу другото, новоизбраната претседателката на Република Словенија, Наташа Пирц Мусар на средбата со претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, кој е во официјалната посета на Љубљана.
Како што соопштија од собраниската прес-служба, во однос на уставните измени, претседателот Џафери апелираше за обезбедување на гаранции од страна на земјите членки дека по нивното донесување, преговорите за членство ќе се водат исклучиво согласно критериумите на претходните земји кандидати и со почитување на општо прифатените европски вредности на кои се темели Европската унија.