Апелациониот суд во Скопје денеска ќе одржи јавна седница на која повторно ќе се разгледува одлуката за куќниот притвор на градоначалникот на Битола, Владимир Талески.
Седницата ќе се одржи на барање на одбраната која вложила жалба на продолжувањето на мерката куќен притвор.
Талески веќе втор месец е во куќен притвор, но неодамна обвинителите од СЈО проверуваа дали извршува градоначалнички и службени работи од дома, поради што може да побараат построги мерки за обезбедување на присуство.
На претходната седница одржана на крајот на јуни, одбраната пак, побара укинување на мерката куќен притвор за градоначалникот поради тоа што за ваква мерка треба да постои разумно сомневање за сторено кривично дело што, според одбраната, не било случај со предметот што го води СЈО против Талески.
Куќниот притвор на битолскиот градоначалник истекува на 20 август, а после тоа судот може да го укине притворот или да го продолжи за нови 30 дена.
Градоначалникот на Битола е прв осомничен во случајот „Транспортер” каде се терети дека со коруптивни тендери во школскиот превоз ја оштетил општината за 360 илјади евра.