Слободата чека да ја освоите!

by Фокус

Почитувани студенти, почитувани академски граѓани на Македонија.

После неодамнешните штури вести за вашите активности во врска со вашата добронамерна, чесна, но, сепак наивна соработка со фашистичкиот режим во Македонија во процесот на создавање на нов закон за високо образование, се чини дека не само што почнувате да ја губите битката, туку стрепам дека со својот молк почнувате да ја губите војната. Но, не само војната за автономија на универзитетот, туку и војната за Слободна и Демократска Македонија, а со тоа и самата Макединија.

Нема слобода и автономија на универзитетот без Слобода и Демократија во Македонија.

Верувам дека сте зрели и свесни за тоа, Верувам исто така, дека сте свесни дека борбата за новиот закон за високо образование е само еден мал, битен фрагмент, но сепак само еден фрагмнет, само едно зрно песок во големата пустина, во која што денес е претворена Македонија.

Верувам, исто така, дека сте свесни дека на Македонија веќе не и потребен само ургентен и сеопшт генерален ремонт по сите основи, по сите хоризонатали и вертикали, туку потребна ни е на сите нас една сосема нова и поинаква Македонија. Потребна ни е граѓанска, секуларна, слободна демократска и економски здрава Македонија.

Затоа се чини, во овој пресвртен момент за иднината на Македонија, кога таа секојдневно тоне како давеник во жив песок, дека на вашите младешки, но силни и храбри плеќи е оставена нејзината иднина и судбина. Таа историска обаврска на жалост, но и за среќа, во овој монет нема кој да ја заврши освен вас.

Верувам, затоа, дека нема да ја испуштите вашата генерациска шанса да бидете генерација која со својата разборитост, со својата мудрост и бескомпромисност и со резолутната акција која е потребна како леб насушен, ќе умеете да ја трансформирате Македонија во демократска и граѓанска заедница. Таква историска шанса се појавува само еднаш во животот. Не чекајте.

Денес кога политичките партии и нивните самобендисани лидери од обете страни на поличкиот спектар, одбиваат да го чујат незадоволството на граѓаните и да го артикулираат нивниот граѓански глас и очај во принудување на оваа брутална власт веднаш да си замине, вие сте тие кои заедно со граѓаните на Македонија треба да се само-организирате и конечно да ја земете својата судбина и судбината на својата држава во своите раце и да ја поведете Макдонија по нов пат.

Со криминалци, разбојници, насилници, лицемери, национал/фанатици не се преговара и не се разговара.

Од вас, пред се од вас, но и од сите граѓани, се очекува да го трасирате патот кон слободна Македонија. Македонија со хуман лик. Тоа е ваше и наше граѓанско право.

Затоа во име на слободата и демократијата повикајте на генерален штрајк до ослободување на Македонија.

Дигнате ја главата високо горе и децидно, јасно, гласно, сега и веднаш барајте:

1. Безусловна оставка на сегашната брутална и бескруполузна Влада на Македонија и на сите оние функционенри што таа ги именува и контролирира, како што се јавниот обвинител, генералниот директор на МРТВ, ректорот на УКИМ итн.

2. Безусловно Самораспуштање на Собранието.

3. Безусловна оствака на престседателот на РМ.

4. Формирање на преодна, надпартиска и непартиска влада со мандат од 2 години со сите права на извршна власт, која ќе ја подготви и реализира транзицијата на Македонија во граѓанска, слободна и демократска заедница.

5. Во преодната влада, покрај ретките поединци со интегритет и стручност во своите области, како што се на пример професорите Ѓорѓи Марјановиќ, Мирјана Најчевска, Арсим Зеколи, Мирјана Малеска, Светозар Шкариќ. барајте да бидат вклучени и меѓународно признати авторитети како на пример Адам Михник (Adam Michnik), Дик Марти (Dick Marty), Серж Брамерц (Serge Brammertz), или пак докажани пријатели на Македонија како што се поранешниот Евроамбасадор во Македонија Господинот Ервaн Фуере, (Erwan Fouéré), или европратеникот, Ричард Ховит, (Richard Howitt).

Исто така децидно и јасно барајте:

6. Преодоната Влада да спроведе попис на населението во Република Македонија, почитувајки ги највисоките европски стандарди.

7. Преодната Влада да го измени изборниот закон и да подготви закон според највисоките европски стандарди, според кој во процесот на изборот ќе се бира поединец, личност, според неговите/нејзините квалитети и вредности, а не според тоа во која дадена партија тој поедниец членува.

8. Преодната Влада да донесе правна регулатива, со која се саморасупштаат сите сегашни политички партии во Република Макдеонија, заради тоа што немаат ниту политички, ниту морален интегритет да постојат понатаму.

9. Преодната Влада да донесе правна регулатива, со која на сите оние кои сега или во изминатите 25 години активно се бавеле со политка да им се одземе правото за бавење со политика во следните 25 години.

10. Преодната Влада да донесе правна регулатива, со која демосот ќе го добие своето нужно место во општеството, наместо сегашната доминација на етносот. Односно, да донесе правна регулатива со која ќе се обесхрабрува формирање и создавање и на политички партии исклучиво спред етничка припадност, а наместо тоа ќе се охрабрува формирање и создавње и на политички партии според граѓанските принципи.

11. Преодната Влада да предложи меѓунардоно тело, кое ќе работи на нов Устав на Република Мекадонија. Тој нов Устав да го афирмира принципот на секуларно граѓанско општесвто и каде што силата и суверенитетот на Македонија како демократска држава, а со тоа и легитиметот на државата ќе произлегува од граѓаните. Институциите на државата, политичарите и политчките партии да им служат на граѓаните, а не на партиите на власт. Истовремено, доследно да се почитува законот и принципот на поделеност на црквата од државата. Со тоа црквите да се грижат и да се занимаваат со црковни работи, а не со политика.

12. Преодната Влада да организира и да гарантира, слободни, фер и демокртски избори во кои граѓаните навистина ќе можат да ја искажат својата слободна волја и слободно да го направат својот избор.

Но, за да се создаде една навистина нова поинаква, по хумана Македонија, не е потребно само заминување на оваа зла власт, не е потребна само нова преодна влада која ќе овозможи мирна цивилизрана, политичка, законска, а богами и здравствена разрешница за најодговорните поденици на овај режим што ја урниса Македонија.

Сега и овде најмалку е потребно лицемерно “рестартирање на совеста” токму од оние кои се иницијални креатори у соучесници на ова зло. Уште помалку е потребно панаѓурското продолжување во недоглед на добрата намера,  која се претвори во ефтина сеирџиска представа наречена “Вистината за Македонија”.  Заложбата “тоа да не се пoвтори никогаш повеќе“ е мала утеха  пред императивот на времето кое бара акција и итно детронирање на бруталниот режим. Патот кон пеколот на жалост секогаш е поплочен со многу добри намери.

Денес на Македонија и потребно многу, многу повеќе. Потребна и е не само денацификација, туку потполна деконтаминација. Потребно и е ослободување од омразата кон другите и кон самите себе. Потребно и е расчистување со својата инцестуозност во сите нејзини појавни форми. Потребно е ослободување од лажната самоперцепција. Потребно е и создавање на потполно нова конфигурација на нејзината политичката карта, Потребен и јасен политички простор каде што нема да се изненадуваме до гнасење од гледките кога левицата настапува и агитира со популистички и демохристијански искази и гестови, или каде што десницата пресвлечена во јагенешко руво, и слакторечива реторика, како божем невина девица, го камуфлира своето брутално владеење по урнекот на мала сталинстичка подружница.

Но највеќе од се, на Македонија и е потребно создавање на потполно нов систем на вредности, на нов политички и индивидуален морал, на нов речник и нов дискурс, на нова култура и ново сфаќање за самата себе, на живеење заедно во времето на хоризонтален дијалог и милтикултурно испреплетување меѓу луѓето во Македонија. На Македонија и на сите нас и е потребен долг период на лечење на раните, и ре-eдукација коjа започнува со основните вредности, кои се учат во прво одделение. Но, пред се и над се, на Македонија и е потребна вистинска реанимација и рехабилитaција на основната културолшака матрица. Во состојба каде што сите основни хумани вредности се уништени и пеплосани, од пепелот како феникс мора да изникне таа нова Македонија, која само вие и никој друг не може да ја овозможи во овој момент. Вие кои сте одраснати на интернет и гугл, вие кои имате пријатели низ целиот свет и кои комуницирате со нив преку вибер, скајп, фб, вие кои знaете дека има и поубав, посреќен и поправеден свет, вие кои сте веќе слободни и рамноправни  граѓани на светот, но на жалост сеуште поробени и обесправени во својата сопствена земја; вие ја имате таа неверојатна можност да направите историски пресврт во вашите животи и во историјата на Македонија.

И, затоа уште еднаш на крајот: Вие сте тие граѓани кои можат и од кои се очекува да ја претворат Македонија од етнократска диктатура во демократска и граѓанска заедница, во која ќе има место за сите граѓани Албанци, Македонци, Роми, Срби, Турци, Власи.

Не ја испуштајте својата иднина и иднината на Македонија од своите раце.

Не дозволувајте, можноста да бидете вистинските создавачи на слободарската и демократската историја на Македонија, да ви истече како песок низ прсти.

Главата горе и напред на барикадите за слободна и демократска Македонија.

Слободата чека да ја освоите! Ако не го сторите тоа кажете и збогум и на својата иднина, а и на Македонија.

Д-р Наум Пановски, режисер и универзитетски професор

Поврзани новости