Слобода за Пале Иловска

by Fokus

Нема сомнеж, барем за мене, дека Пале Иловска е константна жртва на семејно насилство, која немала друг излез, барем во моментот кога насилникот со сета сила бил нафрлен врз неа и ја давел, и таа МОРА да добие ослободителна пресуда со примена на институтот нужна одбрана

 Пишува Јанаки МИТРОВСКИ

Сто кила маж, со историја на насилно и криминално однесување, вработен во МВР, качен врз жена со половина од неговата килажа, со неговите раце околу нејзиниот врат, оставајќи ја речиси без здив. Младата дваесет и тригодишна Пале не плаче првпат за помош, но реши да плаче последен. Го дофати ножот и си стави крај на страдањата. Но, само за момент. Меснонадлежниот јавен обвинител, кој не го сместил насилникот во затвор, претходно гонет и пријавуван и осудуван за семејно насилство, како и за прегазување пешаци, отвора истрага за убиство против Пале.

Ова не е почетно поглавје од нов крими-роман. Ова е вистинска случка, вистински живот на велешанката Пале Иловска, која минатата недела при нужна одбрана го уби насилникот, кој во моментот ја давеше. Ова не е првпат криминалецот со значка да се огреши пред законот. По сведочења, Пале му била трета жена, и кон сите нив бил насилен, а во еден случај е и осуден за семејно насилство, нормално со алтернативна мерка.

ЖРТВА НАСИЛНИК

Претходно, во пијана состојба прегазил неколкумина пешаци и нормално, пак, добил условна. Колегите и уште поважно колешките од МВР не се потресоа премногу од неговото поведение, и тој никогаш не бил санкциониран за својата навика да тепа жени. Судот во Велес истовремено не се презагрижил и му дозволил да се прошета низ системот, несомнено охрабрувајќи го да продолжи со својата грда навика.

Кај нас и самиот закон е проблем. Согласно нашиот Кривичен законик не е кривично дело она што е сторено во нужна одбрана, а нужна одбрана е таа што е потребна да се одбие од себе, или друг, истовремен противправен напад.

И Законот е кристално чист. Но, праксата (иако не е извор на право) кај нас инсистира да е употребена сила со ист интензитет, што е помалку ступидно. На тој начин го судеа, и сѐ уште го судат дедо Љубе, иако двајца бандити му влегоа во домот и го малтретираа него и сопругата во потрага по брза заработувачка.

Дедо Љубе е гонет, бидејќи употребил сачмарка, иако разбојниците не употребиле таква сила. Бадијала тоа што во ниедно време му влегуваат дома, ги врзуваат него и неговата бабичка, во потрага по шака златници.

НУЖНА ОДБРАНА

Овој институт е наследен од југословенското кривично правно законодавство, но Србите барем имаа доблест да го прошират и тој да важи и при напад на домот. Во 2019 година, пред пандемијата со корона, имав чест во наша организација да држам предавање заедно со легендарниот Тома Фила, кој предаваше на тема нужна одбрана.

Тома нѐ извести дека Србија имплементирала законски измени, согласно кои, како заштитено добро во овој случај, покрај телесниот интегритет, го подведува и домот. И тоа е разбирливо, бидејќи домот е уставно заштитена категорија и нашиот Кривичен законик МОРА да претрпи измени во таа смисла. Со зборовите на Фила (кој на секое патување ѝ остава легален пиштол на сопругата) и ѝ вели: ако некој влезе- пукај, од затвор се излегува, но од гробишта не!

Нема сомнеж, барем за мене, дека Пале Иловска е константна жртва на семејно насилство, која немала друг излез, барем во моментот кога насилникот со сета сила бил нафрлен врз неа и ја давел, и таа МОРА да добие ослободителна пресуда со примена на институтот нужна одбрана.

Се работи за животозагрозувачка ситуација и тогаш нужната одбрана е приоритет. Ги молам сите што ја познаваат, семејство или пријатели да им дадете мој контакт, бидејќи со задоволство ќе ја бранам про боно. „Маж“ што дига рака на својата сопруга, маж не е!!!

Поврзани новости