Сликите од Србија се срам за државата, не смеат да се повторат, порача Пендаровски и ги повика приватните болници да се откажат од профит

by fokus

Сликите кои ги гледавме викендов во Србија не смеат да се повторат, тоа беше срам за државата, имунизацијата ќе почне утре и не смее да биде прекината додека не се вакцинира цело население, порача претседателот Стево Пендаровски по седницата на Советот за безбедност на којашто побарал сите ресурси да бидат во фунција во справување со кризата.

На седницата на која присуствуваше и министерот за здравство, Венко Филипче тој им порачал дека мора да бидат обезбедени вакцини за сите граѓани во нивната земја, каде плаќаат даноци и којашто е должна да обезбеди имунизација на цело население.

-Прекин не смее да има. Тоа не го барам само јас, го пренесувам чувството на голем дел македонски граѓани кои не се задоволни од тоа што на тој план го направиме досега. Сликите што ги гледавме изминатиот викенд во Србија тоа најдобро го илустрираат. Вакви слики едноставно не смеат да се повторат. Благодарност до Србија, но, тоа беше срам за нашата држава. Државата мора да најде начин своите граѓани да ги вакцинира овде, потенцира Пендаровски.

Вели дека болничките капацитети се оптоварени до максимум, но министерот Филипче ги уверил дека ниту еден граѓанин нема да остане без болничка нега.

Тој го напомена фактот дека ниту во најбогатите земји во Европската унија не е вакцинирано целосно ниту пет отсто од целото население, но порача дека е свесен дека тоа граѓаните не ги интересира.

Ги повика приватните болници да се откажат од профитот во оваа тешка здравствена криза, да ги направат нивните услуги подостапни за граѓаните болни од КОВИД-19 и ако за тоа има потреба, да го упатуваат и својот медицински персонал во јавните здравствени установи.

-Убеден сум дека во време на големи колективни страдања не треба ничии семејни несреќи и трагедии да ги користиме за нечија добивка и делење на дивиденди, рече Пендаровски.

Пендаровски бил информиран за датумите кога треба да пристигнат нови вакцини, но не ги соопшти само потврди дека месец април би требало да биде месец, кога ќе почне масовната имунизација во Македонија.

 

Поврзани новости