Во текот на карантинските месеци слеп маж од едно радовишко село, кој од почетокот на годината живее сам бидејќи неговата сопруга починала, се соочил три дена да нема леб и никој не можел да му донесе.
-Ова е една од приказните кои ги сподели Здружението за слепи лица во Штип, јавува МИА, а кое денеска најави дека преку проект финансиран од Владата – „Приспособување на слепите лица од источниот регион на тешките услови, кој ги наметна кризата со Ковид-19“, ќе ги надминува психолошките и економските предизвици.
Претседателот на Здружението Драги Витанов истакна дека од денеска ќе почнат со организирање трибини на кои членовите ќе може да слушнат експерти од неколку области.
Слепите лица, рече тој, се едни од најпогодени кога станува збор за нарушувањето на животот на граѓаните поради коронавирусот. Тој рече дека здружение ќе побараат обуки за професионални асистенти за слепите лица, по примерите на Скопје, Куманово и Битола.
-Слепите лица со самото тоа што се дома се осамени и дефинитивно имаат проблеми, физички толку можеби не, но психички многу повеќе. Во секојдневието чекаат некој да ги фати за рака и да ги изнесе надвор, а сега е тоа уште повеќе е изразено. Затоа што нема луѓе коишто би можеле да им помогнат, бидејќи сите се плашат од коронавирусот, изјави Витанов.
Крсте Велјановски, кој има докторирано психологија, вели дека последните анализи на светско ниво покажуваат оти по пандемијата 20 отсто од населението во светот ќе се соочи со депресија, а тоа особено ќе биде изразено кај лицата со каков било хендикеп. Во земјава засега немаат такви анализи, но вели дека решението го гледа во комуникацијата меѓу луѓето, а во екстремни случаи и со помош од стручни лица.