Влажниот воздушен бран кој донесе поинтензивни врнежи полека ја напушти нашата држава, па така денеска претпладне ќе имаме умерено облачно време со сончеви периоди. Од пладневните часови облачноста ќе се зголемува и особено во источната половина ќе има услови за слаб локален дожд.
Утре пак, повторно особено во источната половина од државава ќе има повремени локални врнежи од дожд за потоа да продолжи периодот на променливо време со услови за повремен локален дожд со слаб до умерен интензитет, некаде и со умерен интензитет и тоа особено на исток и на југ од државава.
По одделни котлини и речни долини во ноќните и во утринските часови ќе има услови за појава на магла и на ниска облачност. Наутро ќе биде релативно студено со минимални температури кои ќе се спуштаат во интервалот од 2 до 10 степени, додека на високите места и планините ќе биде уште постудено.
Максималните дневни температури на воздухот ќе се искачуваат во интервалот од 9 до 17 степени, додека во најтоплите предели има услови да се искачат и до околу 19, 20 степени.
Подготви: Славчо Попоски