Се знае кој празник се прославува денес во христијанството, тоа е Свети Трифун, заштитникот на лозарите и винарите. Тој бил признат за светец уште во 4-от век, додека јас, еве за Свети Валентин не ни знам кога точно бил прогласен за светец во католичката црква – за ,,Фокус” раскажува Митрополитот Петар.
Тој вели дека во последните години не само помладите, туку и повозрасните кај нас започнале со масовно прославување на Свети Валентин, што според него, претставува само помодарство и не е според христијанските обичаи.
-Младите, кои се во љубов или пак од скоро време во брак, си нашле начин да си слават. Дури и постарите се приклучуваат на тоа прославување на Свети Валентин. Тоа воопшто не е за фалба, тоа не се наши обичаи.
Гледам се повеќе млади се приклонуваат кон некои западни обичаи, како на пример, ставаат катанци на мостови, оти тоа значело дека така ќе си ја заклучат љубовта. Тоа не е ништо друго, туку суеверие, и не е црковно да се прави така. Ова се некои нови трендови, кои не се својствени за христијанството. Чисто помодарство!
Свети Трифун за христијаните, Свети Валентин за католиците, така би требало да биде, вели Преспанско-пелагонискиот Митрополит.
Сепак, без оглед дали се работи за помодарство, веќе десеттина години празниците како да се споени на некој начин, па 14-ти февруари станува препознатлив како ден на виното и љубовта. Празничните понуди во продавниците се најчесто сувенири во форма на срце, како и чаши за вино исцртани со љубовни мотиви, и станува традиција партнерите да си подаруваат нешто кое ја симболизира нивната љубов.
Вики Клинчарова