Велешкиот градоначалник Славчо Чадиев е еден од ретките политичари кај нас, кој што не ја крие својата сопруга од очите на јавноста. Често се појавува со сопругата Весна на јавни настани, се случува да бидат забележани како се држат рака, прегрнати, како разменуваат нежни насмевки и меѓусебни гестови на внимание за време на разни општински манифестации.
На социјалните мрежи редовно постира фотографии од нивните годишнини, родендени и приватни забави, а за ,,Фокус,, раскажува дека еден политичар не може да биде успешен, ако зад него не стои силна жена, со која што живее во љубов и разбирање.
– Весна е мојата гордост, никогаш не сум го криел тоа. Заедно сме веќе 40 години, од кои 10 во љубов, уште од времето кога имав 17 години, и веќе триесет во среќен брак. Како круна на нашата љубов ни се ќерката Билјана, која што е доктор и има 29 години, и синот Александар, тој има 20 години и студира медицина. И Весна е дел од здравството, таа е специјалист патолог, и можам да кажам дека имам голема среќа што е моја сопруга. Секогаш во јавност се појавувам со неа, на многу снимки и фотографии е забележан нашиот близок однос, наклонетоста која што ја негуваме – раскажува Чадиев.
Тој навстина не можел да ги сфати политичарите, кои што избегнуваат да зборуваат за својот приватен живот, кои што ги кријат сопругите и семејствата од јавноста.
– Од сопствено искуство, секогаш кога ќе постирам фотографија од некој приватен настан со семесјтвото, имам по стотици допаѓања, комплименти, пофални зборови. Народот сака да знае и за приватноста на политичарите, тоа е сосема нормално, и не може да се очекува некој кој што има несреден приватен живот, да биде добар политичар. Секогаш по напорниот ден, кога ќе се вратиш дома, потребна ти е љубов, хармонија во домот… Ако тоа го немаш, без оглед на професијата, тешко дека ќе можеш сконцентрирано да работиш и да жнееш успеси – вели Чадиев.
Тој додава дека со Весна избегнувале да зборат за политика во домот, туку времето поминато заедно го користеле за дружби со пријатели и за релаксирање по напорната работа.
– И покрај тоа што сопругата никогашне ми се меша во работата, без неа не би бил ова што сум денес. Самата помисла дека покрај себе ја имам нејзе и нашите деца, ми дава сила, но и спокојство. Мислам дека и останатите политичари треба да го следат мојот пример, да и дозволат на јавноста да види барем дел од нивната приватност, да споделат настани од личниот живот, кои што иако не се директно поврзани со политика, сепак многу зборат за нив како политичари. Тој што си ја почитува сопругата, се грижи за доброто на своето семејство, со гордост збори за нив, не може да биде лош човек. И секако, оние кои што си ги кријат сопругите од народот, мислам дека не може да бидат добри политичари’’ – вели Чадиев, кој што беше избран за градоначалник во 2013 година, а по професија е магистар сурдолог.
За разлика од него, голем е бројот на наши актуелни политичари кои што ретко, или никогаш ги покажуваат своите сопруги во јавност. Повеќето од сопругите на политичарите дури и немаат социјални профили, па така народот не знае ниту како изгледаат. Кога се во прашање приватни настани, како летувања, зимувања, родендени и годишнини, на прсти можат да се избројат политичарите кои што ги споделиле овие информации или пак фотографии со јавноста.
Вики Клинчарова