Во земја што ја мери својата историја со милениуми, културното наследство треба да биде најсилниот темел на иднината. Но во Македонија, наместо да биде извор на гордост, често е сведок на заборав. Иако со Уставот и законите државата се обврзува да го чува и заштитува секој споменик, артефакт и локалитет од културно-историско значење, праксата покажува дека многу од нив се оставени на забот на времето и институционалната рамнодушност.
Членот 56 од Уставот јасно ја обврзува државата да ги заштити предметите и објектите од особено културно и историско значење како добра од општ интерес. Тие не смеат да се третираат како обичен имот или ресурс. Заштитата на културното наследство е јавна обврска – на институциите, на локалните власти, но и на самите граѓани.
Законот за заштита на културното наследство ги дефинира правилата и одговорностите во однос на движното и недвижното наследство – од сопственоста, до критериумите за заштита и надзор. Без разлика дали е државно, општинско или приватно, секое културно добро мора да се чува и користи во јавен интерес.

Фото Фокус
Дополнително, Кривичниот законик предвидува и санкции за уништување, узурпација или нелегална трговија со културни добра. Теоретски, системот е поставен. Но прашањето е – колку тој навистина функционира на терен?
Што се случува со Калето?
Илустративен пример за институционалната запуштеност е Скопската тврдина – Кале. Вековен стражар над градот, симбол на историскиот континуитет и културната слоевитост на Скопје. Локалитетот е заштитен со закон уште од 1952 година, а дополнителна правна заштита добива во 1969. Археолошки, сведочи за присуство на човекот од неолитот до доцниот османлиски период.
Во последната деценија, за археолошки истражувања на Калето се потрошени над 5 милиони евра. Истражена е површина од 18 илјади квадратни метри и откриени се повеќе од 13 илјади археолошки предмети – керамика, накит, алатки, оружје. Но и покрај сето тоа, денес тврдината официјално е затворена за јавноста, но туристи од Македонија и надвор ја посетуваат секојдневно.
По завршувањето на ископувањата во 2016 година, активностите на терен речиси целосно запреа. Локалитетот остана недостапен, со исклучок на околу 300 метри патека. Инфраструктурата е запуштена – нема информативни табли, клупи, ниту функционираат кантите за отпадоци. Патеките се делумно оштетени, а музејските објекти – затворени, безбедноста пак е на најниско ниво. На влезот на Калето засега не се наплаќа влез, но има присутно обезбедување кое тврди дека не е одговорно доколку се случи некаква несреќа. Особено загрижува недоволно заштитената патека по краевите на тврдината и небезбедните скали на стражарската кула.
Музеите запуштени…
Музејот на праисторијата, кој се спушта три ката под земја, денес е обраснат со корења. Вториот музеј, посветен на отоманскиот период, никогаш не е отворен иако е завршен. Објектот во форма на црква, кој во 2011 година стана повод за политичко-етнички тензии, остана недовршен. За него се потрошени околу 1,7 милиони евра.
Археолошките артефакти, и покрај својата вредност, сѐ уште се чуваат во магацини, без услови за изложување. Без решен статус на музејските простории, тие остануваат скриени од јавноста – како богатство без сопственици.

фото Фокус
Во 2019 година беше организиран меѓународен конкурс за архитектонско и урбано решение за просторот околу Калето. Пристигнаа 17 идеи, но ниедна не е реализирана. И покрај поддршката од Европската Унија, иницијативата се загуби во административен лавиринт.
Калето како жртва на политиката
Кале не страда само од негрижа – туку и од политизација. Во 2020 година, млади активисти на една политичка партија со ласери го испишаа слоганот „псе јо“ на ѕидините однадвор, па наместо простор на културна коегзистенција, Калето стана сцена за дневнополитички пораки и етнички поделби.
Во 2024 беше формирана работна група за расчистување на статусот на Калето, но резултати сѐ уште нема. Без елаборат за ревалоризација, не може да се донесе урбанистички план. Без план – нема интервенции, нема отворање, нема напредок.

Фото Фокус
Иако во декември 2024 тогаш како нов министер за култура и туризам, Зоран Љутков, најави отворање на Калето до почетокот на летото што измина, сега е ноември – и тврдината сѐ уште не го доби својот вистински сјај.













